Десеттото јубилејно издание на „Вечерите на женски права“ ќе се одржи од утре до 8 март, во знак на годинешната тема за одбележување на Меѓународниот ден на жената, 8 Март: „Размислувај еднакво, гради паметно, со иновација за промена!“. Фокусот е ставен на лидерките во индустријата, на компании што прават промена, социјални претприемачки, активистки и жени иноваторки, наоѓање начини преку кои иновацијата може да ги премости пречките и да го забрза прогресот кон родовата еднаквост.
Програмата ќе се одвива во текот на три дена – 6 и 7 март во Кинотеката на Македонија, со почеток од 20 часот, и на 8 март во МКЦ, со почеток од 19.30 часот. Влезот за сите три вечери е слободен.
За обележување на утрешниот почеток на настанот во Кинотеката е планирана изложба на студентски фотографии „F8“ од универзитетот за аудиовиузуелни уметности ЕФТА и од Институтот за родови студии – Филозофски факултет, Скопје, како и филмска проекција на „Вовед во И-ТЕК“ и „Таа го започна“. За наредните денови, како дел од програмата е планирана филмска проекција во Кинотеката на „Родовиот фотограф“, „Модната библиотека“ и „Код – отстранување на родовиот јаз“.
Во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена групната изложба „Менување рефлексии“, а во киното „Фросина“ ќе се прикажуваат „Другите зборуваат, ние правиме! – Кон родовата еднаквост во шведската филмска индустрија“ и „Гик девојки“. Во киното „Фросина“, исто така, ќе се одржи и дебата на тема „Родов гејминг за еднакви права“, додека пак во фоајето на „Фросина“ ќе се одржи концерт на „Страна Б“.