„Денови на азбуката – 2020“ е насловена културно-научната манифестација која вчера и денеска се одржа во Институтот за духовно и културно наследство на Aлбанците, по повод одбележувањето на 22-ри ноември, Денот на албанската азбука. Во рамки на манифестацијата, денеска, беше промовирана книгата „Дневникот на Параскеви Киријази“ од Скендер Асани и Нора Малиќи- Зулали и документарниот филм за УНЕСКО посветен на интелектуалката Параскеви Киријази која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во Битола 1908 година.
Министерката за култура Ирена Стефковска, на промоцијата, честитајќи го Денот на албанската азбука истакна дека јазикот, по дефиниција, е средство за комуникација, но мајчиниот јазик е аманет.
– Нашата земја ја има привилегијата да изобилува со јазици и дијалекти, да биде „срцето на балканскиот јазичен контакт“, како што вели големиот лингвист и пријател на Република Северна Македонија, проф. Виктор Фридман. Тоа е богатство, културно богатство кое не прави поубави и посилни. Честитајќи го Денот на албанската азбука, 22-ри ноември, не го кријам задоволството што успеавме, во календарот на УНЕСКО за поддршка на значајни јубилеи во 2020, да ја внесеме и 50-годишнината од упокојувањето на Параскеви Киријази, активна учесничка на Битолскиот конгрес. На оваа исклучителна жена полиглот, ерудит, и педагог, и го посветуваме 17 декември – рече Стефоска.
На промоцијата свои обраќања имаа и амбасадорката на САД во РСМ Кејт Мари Брнз, претседателот на Евангелско-протестантската црква на Косово, Феми Цаколи, директорот на Институтот за албански и протестантски студии во Тирана, Давид Хосафлук, Нора Малиќи-Зулали и директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани.
Промоцијата која се одвиваше во специфични услови поради пандемијата со ковид-19, е во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Aлбанците , а со поддршка на Министерството за култура.