Музичката група EYE CUE вчеравечер одржа едночасовен концерт како дел од програмата „Култура во време на Корона“ што ја спроведува Град Скопје како подрршка за културните работници.
За денес се планирани четири нови изведби на различни локации во Скопје, почнувајќи во 12 часот со Христина Зафировска (видео – визуелни уметности), потоа во 17 часот во Топанско Поле ќе настапи Артан Кастрати, веднаш потоа во 18 часот ќе следи настапот на групата Funk Shui кај Млечен, а вечерниот концерт ќе биде во изведба на Musaiq со почеток во 20 часот повторно кај Млечен.
Сите настапи ќе биде стримувани на: фејсбук страницата на Град Скопје и на Youtube каналот на Град Скопје.
Покрај музичките настапи, во програмата „Култура во време на Корона“ за наредниот период планирани се изложби, видеоарт презентации, настапи на диџеи и состави на класична музика, како и театарски изведби.
Град Скопје, заедно со градските културни институции објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом.
Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.