Што остави зад себе зографот Иван Георгиев
Македонија во оваа пресвртна година мора да покаже аргументирана одбрана за нашиот идентитет, македонскиот јазик, македонската историја и култура, а на тој пат треба да се огледаме на македонските преродбеници од 19 век, кои со своите дела, со храброст, со достоинственост, со мудрост и со дипломатија, покажаа како се чуваат и бранат македонскиот идентитет и името Македонија. Впрочем, и нашиот академик и македонист Блаже Конески одбраната на посебноста на македонскиот јазик ја темелеше со делата на преродбениците Пулевски, Зографски, Шапкарев, Мажовски, Мачуковски, Мисирков и др. Такви конкретни примери и аманети ни оставија и нашите зографи, иконописци и копаничари, кои работеле во црквите и во манастирите на Балканот.
Една таква стамена личност е надарениот зограф и иконописец Иван Георгиев Спајовски од Македонија (1856 – 1926). Тој е роден и потекнува од македонскиот преродбенички културен центар Галичник, каде што природните убавини и реткости се испреплетени со реткиот и надалеку прочуен творечки дух и невиден патриотизам на многу културни дејци. Па, за очекување било сето она што Иван го оставил зад себе да има континуитет со неговите претходници, како на пример Ѓорѓија Пулевски, Панајот Ѓиновски и многу други.
Тоа се дела за почитување, кои денес нè восхитуваат и нè прават горди. Георгиев уште многу млад заминува од својот роден крај да работи и зографисува по балканските градови и села и во себе длабоко засекогаш го носи мајчиниот аманет. Насекаде го истакнува своето потекло дека е од Македонија, Македонец, кој бескомпромисно ги афирмира својот македонски идентитет, македонски јазик и култура.
Имено, овој иконописец работи во многу цркви, а најмногу во Пловдив и во Пазарџик, во Бугарија, каде што неговите икони и остварувања лесно и брзо го пронаоѓале патот до срцата и душите на верниците, пред сè, поради неговото уметничко и префинето изразување. Со линиите и со боите, зографот Спајовски настојувал на верникот да му ја долови повисоката реалност и натсетилниот свет да му го направи поблизок и подостапен, а со својот мајсторски потпис за навек да го истакне својот идентитет, македонското потекло и името на својата татковина. Така, во црквата „Св. Ѓорѓи“, во Момина Клисура, оставил натпис: „Оваа црква ја иконописал Иван Георгиев, Дебарска околија, село Галичник, Македонија, 1887“. На една икона од Христос стои исто потпис: „Цртал Иван Георгиев от Дебарска околија, Галичник (Македонија), 1885“.
Во црквата во Старосел, во Пловдив, за одбележување е написот „Иконописал Иван Георгиев Зограф (Македонец), село Галичник, 1897“. Кај црквата „Вознесение“ во сопотскиот манастир го среќаваме потписот „Иконописал Ив. Георгиев от с. Галичник, Дебарска околија (Македонија), 1894“. Во црквата „Свети Никола“ во селото Богородично Асеновоградско, Георгиев ги иконописал иконите на Богородица и Христос во 1908 година и ги потпишал „Икониписец Ив. Георгиев (Македонец)“. Во копрившченската црква „Света Богородица“ ги иконописал иконите на Христос и тие се со потпис „1893, Иконописал Иван Георгиев от с. Галичник, Дебарска околија, Македонија“. Сите овие податоци се објавени и запишани во публикации од страна на бугарски автори.
Овој знаменит зограф и иконописец, со сопствените уметнички визии за светците и оригиналните потписи, успеал во туѓина да го симне превезот за името Македонија, Македонец, односно македонскиот јазик и култура и да ни остави едно силно аргументирано камче во одбранбениот мозаик за зачувување на нашиот македонски идентитет. Во нашата културна историографија може да се сретнат уште многу вакви податоци, за што е потребно поголемо истражување на терен, и покрај тоа што многу дела намерно се уништени или љубоморно се чуваат во културните трезори на соседните држави.
Косто Граоркоски, архитект