Независниот театар „Златен Елец“, кој го раководат младите актери Бобан Алексоски и Надица Петрова, почнува со работа. Овој месец ќе одигра две претстави во програмата на „Скопско лето“, првата на 10 јули за монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски, а втората на 27 јули и првата официјална премиера, комедијата „Еротика“.
– Работиме и на продолжението на монодрамата „Дневникот на лудиот 2: Човекојадство“ по текст на Лу Син. Премиерата на оваа претстава ќе се случи веднаш по дозволата за изведба во затворен простор и за ограничен број публика во социјалниот центар „Дуња“. Истиот лик сега доживува нова форма на лудило при повторно бегство од лудницата. Третиот проект е за најмладата публика и ќе се случи во август – велат од театарот.
Кон крајот на летото ќе има гостувања со сите претстави.