Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес ја претстави програмата за сезоната, насловена „Да се почне одново“. Насловот на сезоната произлегува од театролошкиот проект што театарот ќе го реализира во соработка со шест национални театри, исто толку независни субјекти од културата, четири реномирани театарски фестивали и издавачката куќа „Арс ламина“. Целта на проектот, кој го предводи Јелена Лужина, заедно со експертски тим од неколку домашни и меѓународни театролози, е да истражи која е и каква е потребата од промена на македонскиот театар во потрагата по неговиот автентичен модел низ европските стандарди.
Ќе бидат реализирани четири театарски продукции. Сезоната ќе ја отвори премиерата на театарската претстава „Четири соби“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов, предвидена за средината на април. Втората продукција, танц-театарска претстава, чија премиера е планирана за јуни, е „Петтото годишно време“ од Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев. Третата театарска претстава е „Орестија“ од Есхил, чии четири дела ќе ги режираат Александар Ивановски, Ненад Витанов, Софија Ристевска Петрушева и Деан Дамјановски, во соработка со кореографите Олга Панго и Саша Евтимова од Националната опера и балет, како копродуцент на претставата.
Со премиерната изведба на оваа претстава во јули ќе биде отворен интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. И четвртата продукција од програмата за работа е театарската инсталација „Квартет“ од Хајнер Милер, во режија на Деан Дамјановски, која премиерно ќе биде изведена во втората половина на сезоната.