Проект на Институтот за македонска литература
„Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“ е насловен зборникот на трудови што деновиве го објави Институтот за македонска литература. Професорите и научни советници од Одделението за македонска средновековна книжевност, кое меѓу другото се занимава и со културното наследство, неговата заштита и афирмација, го почнаа истоимениот проект, кој беше прифатен од Град Скопје. Зборникот ги содржи трудовите презентирани на ланската конференција на оваа тема.
– Во неговата содржина се засведочуваат продлабочените истражувања и културолошки погледи за вековното културно наследство од овој простор на Македонија, што натаму треба да послужат како нови проширени проследувања и културолошки согледувања. Интерактивниот однос на програмската реализација на проектот беше уште понагласен и со научниот престој во познатиот средновековен духовен и книжевен центар – марковиот манастирот „Св. Димитрија“ во Скопско. Таму теренско научно предавање за архитектурата, фрескосликарскиот ансамбл и за иконографијата одржа Сашо Цветковски од Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ, а за основната историска и духовна традиција на манастирот со современите состојби од монашкиот живот на сестринството свое излагање имаше игуменијата, сестра Илијана – велат од Институтот.
Во зборникот се презентирани истражувањата на Ѓоко Ѓорѓевски за религискиот аспект на сакралното културно наследство во Скопје и Скопско. Валентина Миронска-Христовска ја проследува традицијата на односот кон книгата во градот Скопје во периодот на просветителството и на преродбата од 16 до 19 век. Сарита Трајанова се фокусира на културните институции во градот Скопје. Славчо Ковилоски се концентрира на средновековните цркви и манастири… Маја Јакимовска-Тошиќ ги елаборира истражувањата за местото и улогата на марковиот манастир „Св. Димитрија“. Истражувањата на Илија Велев се посветени на духовните и културните центри на Скопска Црна Гора, како своевидна втора балканска Света Гора – каде што се идентификува духовната и културната традиција на околу 60 евидентирани цркви и манастири.
– Зборникот треба да поттикне повеќе нивоа на културолошки перцепции за вековното врамување на духовните и на творечките вредности, што се пренесуваат во современата согледба за традицијата на определен простор – препознаени и доживеани како културно наследство. Секако дека од неговата содржина ќе се согледуваат актуелните погледи за истакнување на позитивните примери од практиката во заштитата на културното наследство во Скопје и во скопскиот регион, за развивањето свест за неговото исклучително значење, како и за негова афирмација. Но ќе останат предупредувачки и препораките до институциите од областа на културата, до Град Скопје и локалната самоуправа, како и до владините институции и до пошироката културна и туристичка јавност, да се зачува и да се негува културното наследство како колективна историска меморија и како современа афирмирана културна препознатливост – заклучуваат авторите.