Музејот „Гугенхајм“ во Њујорк нуди пристап до повеќе од 200 книги за уметнoст и изложбени каталози од своите архиви, и тоа бесплатно. Некои од насловите датираат уште од 1936 година, што е повеќе од 20 години пред музејот да се пресели во својот сегашен дом, дизајниран од Френк Лојд Рајт, во 1959 година. Меѓу нив може да се најдат и најголемите имиња од модерната и современата уметност, како што се Винсент ван Гог, Пабло Пикасо, Василиј Кандински, Густав Климт, Егон Шиле, Едвард Мунк и многу други.
Голем број од овие книги е дел од изложбите што се сметаат за најголеми пресвртници во развојот на историјата на уметноста од 20 век.
Заинтересираните би можеле да ја пребаруваат архивата по уметник, година, уметнички стил или движење, а материјалите може да се преземат во неколку формати, вклучувајќи и пдф.
За таа цел е потребна онлајн регистрација на веб-страницата, каде што исто така постои и опција што овозможува со еден клик виртуелно да се прелистуваат нејзините страници, без потреба од најавување и преземање содржини.
Заедно со виртуелните тури обезбедени од музеите од целиот свет, сега можете и да ги читате содржините од областа на уметноста и историјата додека седите дома.