Со одигрувањето на монодрамата на популарниот хрватски водител и актер, Тарик Филиповиќ, “ Киро Блажевиќ”, кој со својата изведба буквално ја крена публиката на нозе и доделувањето на наградите, беше спуштена завесата на годинашното јубилејно, 20 -то издание на Фестивалот на монодрамата во Битола.
Добитник на највисокото признание, наградата Гран при на 20-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама Битола 2018 година е претставата „Контрабас” на актерот Совги Гусеинов од Азербејџан.
Ваквата едногласна одлука ја донесе жири комисијата во состав Коле Ангеловски Нина Мазур и Весна Петрушевска.
– Одлуката е донесена за севкупен впечаток, односно изборот на музиката во монодрамата, режијата и посебно, актерското мајсторство на Совги Гусеинов од Азербејџан, како комплетна претстава прикажана на овој фестивал – истакна претседателот на жири комисијата Коле Ангеловски.
Жири комисијата одлучи наградата за најдобра актерска игра да отиде во рацете на актерот Матеус Новак од Полска, за претставата „Однапред и одназад”, додека наградата од публиката очекувано отиде во рацете на хрватскиот актер и квиз водител, Тарик Филиповик, за претставата „Киро Блажевик”.
Инаку за време на фестивалот во официјална конкуренција во Центарот за култура во Битола беа прикажани осум претстави на монодрама.
Фестивалот почна со одигрувањето на макаедонската монодрама „Јас, Селма”, од авторот Милош Андоновски, кој воедно е и режисер на претставата, со актерката Симона Спировска.
Потоа беше прикажана преставата „Мадам Мисима” од Елена Алексиева, со актерот Михаил Милцев, од Артсенсориум, Софија, Бугарија.
На трите фестивалски денови беа одриграни и монодрамите „Големо е моето срце” со актерот Среќо Марчета од БиХ,„Дивото дете во градот” од САД во изведба на актерката Тјаша Ферме, „Однапред и одназад” со актерот Матеус Новак од Полска и „Сните на Хамлет” Александер Аладисев од Русија и “Контрабас” со Совги Гусеинов од Азербејџан
Во чест на актерите, на свеченото отворање беше одиграна претставата „Фигуре венерис хисторе” на театарот Војдан Чернодрински од Прилеп.
Жири комисијата предводена од претседателот Коле Ангеловски и членовите Нина Мазур и Весна Петрушевска, имаа тешка задача, со оглед на тоа на фестиваот беа прикажани многу квалитетни претстави, кои наидоа на одличен прием кај битолската публика, која и годинава во голем број и со голем интерес ги следеше сите монодрамски изведби.
Во рамките на фестивалот на монодрамата во фоајето на Народниот театар беше отворена изложбата „Низ фотографскиот светоглед”, на Петар Ставрев, кој преку фотографии направи ретроспектива на изминатите 19 фестивалски години.