„Градот“ е насловот на новата изложба на графики од познатиот Илија Пенушлиски, која ќе биде отворена вечерва во галеријата „Акантус“, од 19 часот. Изложбата ќе биде отворена за публиката до 26 јуни.
Овој сликар, роден скопјанец што тука и живее, не е задоволен од тоа како изгледа и функционира Скопје по драстичните промени, кои ги преживеа градот најнапред со земјотресот во 1963, но и со низата урбанистички промени во последните 30 години. Тој нагласи и дека градот знае да биде најубав пејзаж, а доказ за неговата љубов кон градот воопшто, без разлика дали станува збор за Париз, Њујорк, Скопје, се и неговите најнови 39 дигитални графики што од вчера беа изложени во галеријата, каде што Пенушлиски се сретна со новинарите.
За себе, меѓу другото, тој откри дека животот генерално го минува во Скопје како кактус, не сака да оди многу во природа, не се качил на Водно, а во градот игра шах, карти, се дружи со пријатели. Напомена дека најновава изложба сака да биде презентирана во Ресен, а истакна дека изложбените простори во земјава генерално се во незавидна состојба.