Да видиш како би изгледал град што го изградиле жени, сѐ уште е фантазија. Но во Барселона би можеле да видиме назнаки за тоа како би можела да изгледа иднината
Градовите би требало да се градени за сите нас. Сепак, сите градови нa светот ги осмислиле и ги изградиле генерации мажи. Што би било кога жените би ја добиле истата можност? Одговорот на тоа прашање можеби ќе дојде од Барселона. Во последните четири години, овој град има градоначалничка со изразени феминистички цели. На овој факт, меѓу другото, укажува во својот текст Би-би-си, чии новинари водеа разговори со феминистките во тамошниот градски урбанистички завод за тоа што мислат тие дека е потребно да се промени за градовите да бидат подобри за жените. Џенет Санз е советничка за урбанизам во Барселона и жена, која стои зад иницијативата за воведување блокови во кои сообраќајот е сведен на минимум. Тоа е составен дел од многу поголем и многу поамбициозен проект.
– Размислете само. Во Барселона, околу 60 проценти од јавниот простор го заземаат автомобилите. Во истиот момент кога ќе го реорганизирате тој простор, им искажувате поддршка на групите што досега немале пристап до него. Ние мораме да ја спречиме ситуацијата во која најсилните заземаат најмногу места. А автомобилот го правеше токму тоа – изјавила Џенет во разговорот воден по средината на живописно бојадисана улица.
Со планот наречен „Суперилс“ на каталонски, или „Суперблок“, е предвидено во овој град улиците да им се вратат на пешаците, на велосипедистите или едноставно на луѓето што сакаат на нив да поминуваат време. Станува збор за спојување на девет блока од единствениот мрежен нацрт на Барселона во еден голем суперблок, кој би бил затворен за сообраќај. Во него би можело да влегуваат само оние возила што мораат, а брзината на движење би била ограничена на 10 километри на час. Гаражата за паркирање е предвидено да биде под земја, а наместо сообраќајни раскрсници суперблокот би требало да има паркови, излетнички клупи и игралишта.
Овој проект го осмислил Салвадор Руеда, а неговата идеја била да излезе накрај со загадувањето на воздухот и да се создадат јавни простори. Но Џенет Санз и нејзиниот тим на оваа негова идеја ѝ дале феминистички знак, ставајќи го во центарот на сѐ – учество на локалната заедница. Барселона досега организирала шест такви простори насекаде по градот, а се надева дека ќе ја прошири шемата уште на 500 блока.
Луѓето од Барселона сакаат да се забавуваат, а градските власти сметаат дека сите имаат право добро да си поминат на јавни места, било дење или ноќе. Значи, каде и да постои некој фестивал или место за забава може да се сретне „пунт лила“ или „виолетов центар“, кој претставува информативен центар каде што и мажите можат да дојдат по совет за тоа како да се запрат сексуалното насилство или мачоистичкото однесување. Припадниците на информативните служби како што е Лаура Марти Марторел шетаат по краевите со богат ноќен живот, внимаваат на младите и им велат дека ќе имаат помош ако се најдат во неволја.
– Градското собрание активира и апликација наречена „Но ес нo“, со чија помош граѓаните можат анонимно да пријават сексуална агресија, која ја доживеале или на која присуствувале, а за која полицијата можеби и не знае – вели Лаура.
Страшна неправда е и фактот што можат да го потврдат жените од сите делови на светот дека редиците пред женските тоалети скоро секогаш се подолги отколку пред машките. Постојат неколку прости причини за тоа. Жените мораат да седнат на шолјата за да уринираат, додека мажите можат да го прават тоа и стоечки, што значи дека на жените обично им треба трипати повеќе време. Исто така, жените во тоалет мора да одат почесто од мажите, од други причини, како што се менструација или бременост. Но во секое општество, жените и понатаму се во поголем број случаи примарни негуватели, така што мораат да испратат и други личности до тоалетот.
– Голем број мајки во Барселона ни рекоа дека не можат да ги користат јавните тоалети бидејќи мораат да влезат внатре со детски колички, а не можат да ги внесат. И тогаш тие не користат тоалет! – истакна Бланка Валдивија од дизајнерскиот колектив „Пунт 6“.
Покрај тоа, кабината од тоалетот зазема два до трипати повеќе место од писоарите. Значи, во теоријата, женските тоалети би требало да бидат најмалку трипати поголеми и би требало да ги има повеќе. Но нацртаните планови на зградите ретко го земаат тоа предвид.
Било да сме за тоа свесни или не, од многу мала возраст просторите што ги користиме се поделени, па дури и игралиштата.
– Ако не размислите за нацртот како што треба, најчесто имате еден голем униформен простор во средината – вели архитектката Дафне Салдана од „Екуал Сари“, колектив на урбани дизајнери, кои сакаат играта да стане малку повеќе фер.
А на тој простор обично доминира една активност, фудбал. „Екуал сари“ неодамна зеде еден тмурен, запуштен двор во работничкото предградие во близината на Барселона и го претвори во игралиште. Го раздвоија просторот со помош на бои, со различни типови подлоги и мебел за екстериер. Сега патеките го сечат паркот од сите агли, делејќи го просторот на „соби на отворено“, кои поттикнуваат разновидни активности, на игралиштето веќе не доминираат само една група или еден спорт. Еден друг феминистички принцип е клучен за овој процес, слушањето на другите. Го прашаа секого во заедницата, и младо и старо, и машко и женско, што сакаат од тој простор. А еден од убедливо најчестите одговори беше – клупи.
Тие се посебен предмет на опсесија за феминистичките колективи како што се „Екуал сари“ и „Пунт 6“.
– Тоа не е само општествена работа. Тоа е основна потреба за мобилност за луѓе што се болни, имаат некој инвалидитет или за негуватели или за старатели на деца. Постои сериозен недостиг од клупи, а тоа ги спречува луѓето да го користат јавниот простор – вели Бланка Валдивија од „Пунт 6“. Властите на Барселона поставиле 500 нови клупи во само еден негов кварт.
Но за да стане еден град навистина рамноправен мора да се случи нешто повеќе отколку само да се овозможи жените да се почувствуваат безбедно, суштината е во тоа жените да се почувствуваат забележано. Бидејќи, ако малку подобро размислите, токму како и во нашите историски читанки, нашите градови се преполни со појави што ги величаат главно само достигнувањата на мажите. Студијата спроведена во седум најголеми светски градови покажа дека само 27,5 проценти од улиците носат имиња на жени. Барселона се обидува да го поправи тоа. Последнaта градска влада посветила половина од новите имиња на улиците на жени. А градското собрание се обидува да го протурка тоа уште повисоко – на 60 проценти. Да видиш како би изгледал град што го изградиле жени, сѐ уште е фантазија. Но во Барселона би можеле да видиме назнаки на тоа како би можела да изгледа иднината.