Од денеска до 31 мај во организација на Македонскиот центар на ИТИ/Продукција, под покровителство на Министерството за култура и во партнерска соработка со „Литература.мк“ и Музеј Тетово, во земјава ќе гостува словенечката авторка – писателка и перформерка за деца и млади, Маша Огризек.
Маша Огризек (1973) дипломирала на Катедрата за филозофија со социологија на културата (Универзитетот во Љубљана). Од 2008 година таа е самовработена како критичарка и писателка, а пред македонската стручна и љубителска публика, таа ќе се претстави со предавање во Скопје и креативна работилница за деца во Тетово. На своето предавањето насловено „Животот е пикник!… Ако имаш храброст, покриј се со покривка поради него“ таа ќе се претстави и ќе си ги постави прашањата: како во нејзините книги за деца многу често настапуваат постари луѓе; зошто сака шешири и куфери; како се пишува сценарио за „нем“ стрип; зошто некои приказни полесно ги раскажуваш со животни во главните улоги; дали смртта е дел од „Убавата приказна“; дали постојат книги близначки; зошто Маша ги сака љубопитноста и радоста; како хуморот ја ублажува вистината, и не ја задушува. Авторката ќе раскажува со проекции на илустрации од нејзините книги.
Креативната работилница, пак, е насловена „Луѓето филџани (Шалчкарји)“ и е наменета за деца (+6). Таа ќе започне во 11 часот, а за време на работилницата ќе се чита приказна за Шалчкарјите – луѓето филџани, а потоа секое дете може да одбере по еден Шалчкар или, пак, цело семејство филџани за кои ќе создадат пријатен дом во хартиени кутии.