Оркестарот на Филхармонија вечерва ќе одржи концерт насловен „Поле за игра“, на кој како солистка ќе настапи исклучителната виолинистка Ајман Мусахоџаева од Казахстан. Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн.
Музиката на германскиот композитор Феликс Менделсон (1809-1847) е совршен микс на класичната пропорционалност со романтичарската жестокост. Неговиот музички стил е оригинален, но не и радикален. Концертот за виолина и оркестар во Е-мол, оп. 64 е едно од најпознатите негови дела и еден од омилените во солистичкиот репертоар. Станува збор за големо оркестарско дело, кое Менделсон го пишувал шест години. Му го посветил на Фердинанд Давид, близок пријател и концерт-мајстор во оркестарот во Лајпциг. Додека го пишувал бил во постојан контакт со Давид, кој му дал многу сугестии. Овој концерт е еден од најизведуваните дела во виолинскиот репертоар и бил инспирација за многу други композитори.
Јозеф Хајдн (1732-1809) е австриски композитор и една од најзначајните фигури во развојот на класичниот музички стил во 18 век. Тој ги поставил формата и стилот на симфонијата и гудачкиот квартет. Затоа го викаат и татко на симфонијата и татко на гудачкиот квартет.
Виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан е на листата на исклучителни музичари на 20 век, која ја направи Енциклопедијата на Универзитетот во Кембриџ, а од биографскиот центар на овој угледен универзитет ја доби и титулата „Интернационален уметник за 2003 година“. Мусахоџаева е и „Уметник на мирот“ на УНЕСКО, а наградена е од претседателот на Италија и од Ватикан за своите уметнички достигнувања. Соработувала со музичари како Миша Мајски, Бруно Канино, Виктор Третјаков, Владимир Спиваков и многу други. Зад себе има неколку цедеа, меѓу кои и за „Дојче грамофон“ со пијанистот Павел Гиљов и со Виенската филхармонија.
Како солистка настапувала со Виенската филхармонија, „Ројал симфони оркестра“, „Синфонико ди Рома“, Националниот симфониски оркестар на Русија, Европскиот симфониски оркестар и други ансамбли под диригентската палка на Владимир Федосејев, Валери Гергиев, Владимир Ашкенази, Михаил Плетнев, Пол Коган, Владимир Пиаваков, Михаил Јуровски, Фуат Мансуров и други.
Свири на виолина „страдивариус“ од 1732 година.