Македонската филхармонија повторно го носи виртуозот на виолончелото Даниел Милер-Шот од Германија. На вечерашниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, насловен „Морски бранови“, тој ќе настапи како солист. Важи за еден од најславните виолончелисти на новата генерација, амбасадор на музиката на 21 век. За македонската публика ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Дмитриј Шостакович.
Диригент на концертот, првпат во Македонија, е маестро Румон Гамба од Велика Британија, а оваа вечер ќе бидат изведени и импресивните дела: Четири морски интерлудии од операта „Питер Грајмс“ од Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премиера) од Клод Дебиси.
Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиции, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на шведската оперска компанија „Норланд опера“ (2008-2015), шеф-диригент на симфонискиот оркестар „Алборг“ (2011-2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002-2010). Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со симфонискиот оркестар на Би-би-си, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со операта „Норланд“, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус…
Германскиот виртуоз на виолончелото Даниел Милер-Шот се смета за еден од најистакнатите претставници на овој инструмент на својата генерација и повеќе од две децении ја воодушевува публиката во светот. „Њујорк тајмс“ го нарече бестрашен интерпретатор со извонредна техника. На 15 години, Даниел Милер-Шот ја добил првата награда на интернационалниот натпревар за млади музичари „Чајковски“ во Москва, во 1992 година, и оттогаш неговата кариера рапидно почнала да расте.
Неговото име е запишано на сите светски концертни репертоари. Ја воодушевува публиката со својата виртуозност, со нескриено енергичната интерпретација, со совршената комбинација на техничка, интелектуална и емотивна зрелост. Даниел Милер соработува со голем број водечки оркестри на САД, Европа и на Азија, со врвни диригентски имиња, како што се Ашкенази, Мазур, Орамо или Превин, а неговиот репертоар е составен од најпознатите дела напишани за виолончело. Во новата концертна сезона, тој настапува и ќе настапува со оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Кралскиот филхармониски оркестар, симфонискиот оркестар „Далас“, а е закажана и светска турнеја со рецитали и камерни концерти.