Новинарот Тимчо Апостолов со монографијата за неговото родно Кавадарци под наслов „Гордоста на Кавадарци“, која неодамна излезе од печат, сакал на градот да му остави еден поинаков споменик и може да се каже дека направил успешен обид на едно место да се презентираат дел од најуспешните личности и компании од Кавадарци. Оваа благородна мисија од негова страна воедно отвори можност да се пронајдат и извлечат од анонимноста голем број на успешни кавадарчани раселени низ светот, кои со својата работа и посветеност придонесуваат за подобрување на животот на планетата Земја.
Неговата идеја, кога пред две години започнал да ја подготвува, е таа да биде поинаков паметник, сведоштво со кое ќе се направи обид да се отргнат од заборавот успешни граѓани и компании, без разлика дали тие денес живеат во родниот град или на друго место. Нивните истражувања, научни трудови, елаборати, докторски дисертации, романи , уметнички дела, како и музичките инструменталисти, вокални солисти, луѓето кои раководат со највисоките државни институции имаат исклучителен придонес во афирмацијата на општината, Тиквешијата и на Македонија.
Еден од рецензентите на книгата проф. д-р Кирил Темков ќе напише: „Кавадарци е
мошне интересен град, со убава традиција и особно градско живеење – кое вклучува жива чаршија, семејно поврзување, соеви и кумови кои се држат пријателски, свадби со чудесна оригинална чалгијска музика , серенади, развиено занаетчиство и ангажиран земјоделски живот на мнозина кои имаат свои имоти, лозарство, вино и ракија прочуени на Балканот… Чаршијата и луѓето се срцето на Кавадарци и за нив има многу нешта да се напише“.
Монографијата на Тимчо Апостолов, професорот Темков ја вбројува во низата значајни книги напишани за Кавадарци.
Една голема мајсторка на модата Зорица Тодорова ја направи книгата „Вистински приказни за вечни сеќавања“ во која се содржани мемории на постарите кавадарчани за нивните врсници и предци. Големиот истражувач на тиквешкото минато историчарот Петре Камчевски го посвети животот и кариерата на изложувањето на регионалната и персоналната историја на Кавадарци , историскиот роман „Заорок“ од Лазо Каровски, „Кавадарци низ минатото“ од Диме Боев, автобиографските записи за животот во Кавадарци на д-р Џевад Алибеговски како и многу други дела се посветени на значјни
личности од Кавадарци кои оставиле значаен белег. Зафатот на Тимчо Апостолов е вреден за пофалба“
– Она по што кавадаречкиот крај останува трајно запишан во нашата македонска историја е слободарскиот дух на луѓето од овој крај. Тиквешијата е вистински бастион на борбата за слобода со најголем број на борци и партизански единици, со голем број на народни херои од кои некои ги положија своите животи за подобро утре. Сето тоа
придонесува кавадаречкиот регион да биде препознатлив и по силни и успешни, индивидуи, револуционери, борци за слобода, стопанственици, политичари, дипломати, спортисти, уметници, научници. Во луксузно опремената монографија со голем формат на 400 страници се претставени портрет – приказни за животот и делата на најуспешните кавадарчани од средината на минатиот век па се до денес по избор на авторот – вели писателот Гоце Ристевски исто така рецензент на книгата.
– Ова е прв обид во Македонија, во една монографија да се презентира животот и делата на репрезентативна селекција успешни граѓани и компании кои потекнуваат од една општина. Монографијата „Гордостан на Кавадарци“ во која се претставени портретите на повеќе од 130 личности, не претставува енциклопедедија на сите вредни, талентирани успешѓни луѓе од општината, туку таа е обид само дел од нив да ги отргне од заборавот и да ги претстави на пошироката јавност. Од презентираниот список може да се состават репрезентации од најразлични области на животот кои достојно може да им парираат на соодветните европски селекции. Искрено се надевам дека оваа монографија за идните генерации ќе остане како хроника на едно време и на личностите кои оставиле неизбришливи траги. Истовремено, книгата е можност на најубав и на репрезентативен начин да покаже дека во општина Кавадарци има луѓе од вредности и почит. Со неа ќе им покажеме на сите дека „ нас ногу не бива“ – вели Тимчо Апостолов, поранешен новинар на „Нова Македонија“ и уредник на ревијата „Екран“.