Петре Димовски („Во трка за животот“), Симона Јованоска („Последниот кат“), Ленче Милошевска („Пештер“), Тони Попов („Гугутки“), Лилјана Пандева („Дупка“) и Емилија Гиноска („Ентелехија“) се годинашни добитници на наградите на Конкурсот што повеќе од половина век го распишува „Нова Македонија“

Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“

Добитник на првата награда на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, за расказот „Во трка за животот“ (шифра: Маратон), е Петре Димовски. Автор на второнаградениот расказ „Последниот кат“ (шифра: Дализа) е Симона Јованоска, а на третонаградениот „Пештер“ (шифра: Пештер) е Ленче Милошевска. Добитници на откупните награди се: Тони Попов за расказот „Гугутки“ (шифра: Немис Евервит), Лилјана Пандева за „Дупка“ (шифра: Дормео) и Емилија Гиноска за „Ентелехија“ (шифра: Аспириникс). Наградите ќе бидат свечено доделени кон крајот на месецов.
Годинава пристигнаа околу 200 ракописи на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, членовите на комисијата, во состав Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, ги избраа најдобрите за ова издание.

Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководеше жирито. Одлуката за доделените награди за 2019 година е донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето два состанока, на кои изборот се стеснуваше.
– Како и секогаш, пристигнаа голем број раскази, тематски и стилски разновидни. Овој пат квалитетот беше евидентен во најдобрите триесетина раскази што влегоа во поширок круг. Исто така, карактеристика годинава е тоа што имаме многу современи постапки и содржини од секојдневните доживувања, но претставени на многу интересен и индивидуален начин, така што иако жирито едногласно ги избра најдобрите, имаше поширок избор раскази што го пленеа вниманието и се читаа навистина со едно читателско задоволство – вели селекторот Александар Прокопиев.
Според оцената на жирито, во однос на темите, додека во претходните години имаше изобилство текстови со пренагласена биографска и рурална тематика, и тоа во една буквална смисла, овој пат го немаше тоа, туку голем дел раскази беа на современи и актуелни теми, љубовни и со универзален предзнак. По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, жирито заклучува дека конкурсот е успешен, бидејќи пристигна одлична бројка ракописи.

Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ. Колку и да се чини застарена идејата за објавување расказ во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност можеме да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата за читање на кратките раскази. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание, иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.

Конкурсот за краток расказ има долга традиција и, со кратки паузи, се објавува повеќе од половина век. Краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза преку овој конкурс покажа дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Што е уште поважно, во духот на времето, некои од расказите лани беа поврзани со современи теми и со нов модерен израз. Комисијата за време на двонеделното разгледување и препрочитување на пристигнатите ракописи се водеше од следните критериуми: автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника.
По доделувањето на наградите, редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува избраните раскази во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.


Главни награди
Прва награда – Петре Димовски за „Во трка за животот“
Втора награда – Симона Јованоска за „Последниот кат“
Трета награда – Ленче Милошевска за „Пештер“

Откупни награди
Тони Попов за „Гугутки“
Лилјана Пандева за „Дупка“
Емилија Гиноска за „Ентелехија“