Резултати од Конкурсот за краток расказ на „Нова Македониjа“

По речиси едномесечно разгледување и препрочитување на пристигнатите над 200 ракописи на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, членовите на комисијата, во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“, ги избраа најдобрите за ова издание.
На Конкурсот за краток расказ доделуваме три главни награди за расказите: првата награда за „Ронка леб“ (шифра: Мајка), втората награда за „Татко“ (испратен без шифра, од следната адреса: [email protected]) и третата награда за „Посета“ (шифра: Хопер13). Откупни награди освоија расказите: „Еден убав сончев ден“ (шифра: 1123581321 Ф), „Бегство“ (шифра: Бегалец 2021) и „Аџи Харалампие“ (шифра: Нулта позитив). Во наредните денови очекуваме авторите на наградените раскази да се јават во редакцијата на „Нова Македонија“ (+389(0) 2 5511711 или на 071 386163 ), а потоа да приложат примерок од расказот како потврда.
– На годинешниот конкурс жирито имаше среќа да одбере шест навистина одлично напишани, различни меѓу себе раскази, во кои авторите покажуваат едно несекојдневно чувство за преплетување на духовитото и стварносното. Тоа што ни го понуди овој конкурс е едно високо ниво на стилска умешност, дури во некои од нив и мајсторство, во обликување на расказите. Сите наградени раскази носат свој специфичен свет, но без претерани описи и без мешање на некои општи теми, историски или политикантски, кои обично оптоваруваат. Станува збор за чисти раскази, во кои одлучувачки за наградите беа само нијансите во убедливоста, одлично фатената атмосфера и добро воденото дејство – вели Прокопиев.
За првонаградениот расказ, „Ронка леб“, тој додава дека има еден многу оригинален пристап и дека е расказ што е страшно автентичен.

– Во него главниот маргиналец, така би го нарекол, е даден без никаква жалопојност, тоа е лик што освојува со своето снаоѓање во најситните детали на животот, кој во случајов вооппшто не е милосрден кон него. Сепак, наоѓа разни начини, кои се трагикомични, но дејствуваат многу силно – вели Прокопиев.
Второнаградениот расказ „Татко“, според него, е напишан од човек што е писател со високо ниво и од формална страна не може да се најде забелешка, особено пофални зборови одат на сметка на водењето на дејството и на решавањето на заплетот.
– Третонаградениот расказ „Посета“ е невообичаен по умешното водење на дијалогот, речиси целото дејство е водено во дијалог помеѓу две личности што се разбираат и не се разбираат истовремено, а постои и трет лик, кој е многу важен. Во расказот писателот многу добро и психолошки точно владее со дијалогот – вели Прокопиев.
Според жирито, трите раскази што годинава добиваат откупни награди носат свој писателски микросвет што плени за време на читањето и претставуваат успешна смеса од духовитост и откачено гледање, а допираат и до суштински работи што ни се случуваат во секојдневниот живот и сите, помалку или повеќе, нѐ оптоваруваат, но сето тоа тука е извадено на лежерен и успешен начин.
Автентични и иновативни теми, коректна јазична структура, стилска разноликост и вешта раскажувачка техника беа некои од основните критериуми по кои се раководеше жирито. Одлуката за доделените награди за 2021 година е донесена по сериозно препрочитување на пристигнатите ракописи и по одржувањето на два состанока, на кои изборот се стеснуваше.

– Како и секогаш, пристигнаа голем број раскази, тематски и стилски разновидни, со тоа што годинава голем дел од ракописите, директно или индиректно, се занимава со пандемијата, која, очигледно, силно влијаела врз домашните пишувачи. Овој пат квалитетот беше евидентен во голем број од пристигнатите ракописи, а особено во најдобрите триесетина раскази што влегоа во поширокиот круг. Исто така, карактеристика годинава е тоа што имаме многу современи постапки и содржини од секојдневните доживувања, но претставени на многу интересен и индивидуален начин, така што иако жирито едногласно ги избра најдобрите, имаше поширок избор раскази што го пленеа вниманието и се читаа навистина со едно читателско задоволство – вели Дамчевска.
По едномесечното собирање, разгледување и препрочитување на расказите што беа испратени на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“, жирито заклучува дека конкурсот е успешен, бидејќи пристигна одлична бројка ракописи. По доделувањето на наградите, избраните раскази редакцијата на „Нова Македонија“ ќе ги објавува во прилогот за култура ЛИК, кој излегува секоја среда.


Главни награди

Прва награда – „Ронка леб“ (шифра: Мајка)
Втора награда – „Татко“ (испратен без шифра, од следната адреса: [email protected])
Трета награда – „Посета“ (шифра: Хопер13)

Откупни награди

„Еден убав сончев ден“ (шифра: 1123581321 Ф)
„Бегство“ (шифра: Бегалец 2021)
„Аџи Харалампие“ (шифра: Нулта позитив)