Опусот на Јоханес Брамс (1833-1897) се состои, во најголем дел, од оркестарски и камерни дела. Иако не била многу карактеристична за него, тој ставил свој печат и во вокалната и вокално-инструменталната музика. Едно од капиталните дела во овој жанр е неговиот Германски реквием оп. 45. Се верува дека до 1861 година Брамс напишал два става од замислената кантата за оплакување, дело во спомен на Роберт Шуман. Всушност, замислата потекнала од 1854 година, по неуспешниот обид за самоубиство на Шуман, кој починал подоцна, во 1856-та. Според Макс Калбек, еден од биографите на Брамс, насловот Германски реквием, всушност, бил идеја на Шуман – Брамс го пронашол меѓу манускриптите на Шуман, се одушевил од идејата и го увеличал споменот на драгиот пријател и колега со овој назив. Кога во 1865 година засекогаш се збогувал со мајка си, Брамс решил да го доврши реквиемот и сета своја тага и болка да ја преточи во музика. До летото 1866 напишал уште четири става, кои публиката премиерно ги чула на 1 декември 1867 година во Лајпциг. Иако праизведбата била успешна, Брамс не бил сосема задоволен од заокруженоста на формата, па додал уште еден став, за сопран (веројатно асоцијација на мајчиниот глас), и вака целосен, Германскиот реквием првпат бил изведен на 18 февруари 1869 во Лајпциг. Сто и педесет години подоцна, реквиемот на Брамс, иако не толку познат како оној на Моцарт или на Верди, и понатаму претставува пресврт во пристапот кон оваа музичка форма. Вообичаено, реквиемот е миса за мртвите во Католичката црква.
Но Брамс бил протестант, па можеби затоа го избегнал класичното користење латински текст во вокалните делници и на негово место го користел германскиот превод на Стариот и Новиот завет од реформаторот Мартин Лутер. Не ги избирал само стиховите што ги спомнувале мртвите туку и оние наменети на сите што останале зад нив. Четири од седумте става се напишани за хор и оркестар, еден за сопран, два за баритон. Недостига вообичаениот вокален квартет – сопран, алт, тенор и бас (или бас-баритон). Исто така недостигаат и интерлудиите меѓу ставовите, карактеристични за овој тип композиции.
Германскиот реквием на Брамс е посветен на живите. Тој е замислен и напишан како музика за оние што оплакуваат. Наместо да ги велича Бог и задгробниот живот, им нуди утеха на луѓето покосени од болката по загубата на некој близок.
Лада Шоптрајанова Петровска