По претставата на Пројковски и Андоновски во Бања Лука
Десетминутни овации по премиерата на текстот „Генетиката на Глембаеви“ од Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, и голем број медиумски одгласи е резултатот од отворањето на театарфестот „Петар Кочиќ“, со претставата што пред десетина години беше голем хит на „Драмскиот театар“ од Скопје, под тогашниот наслов „Генетика на кучињата“.
„Независне новине“ пишува во суперлативи за „македонскиот писателско-режисерски двоец“. Во пообемната театарска критика, во која се истакнуваат актерските остварувања на ансамблот на Народното позориште на Република Српска, со кој Пројковски ја постави неодамна „Дервишот и смртта“ и победи на Фестивалот на војводинските театри, меѓу другото се вели: „Треба да се истакне дека оваа претстава константно ви го држи вниманието. Мудро напишаниот текст и актерското мајсторство веќе го споменавме. Тука е и музиката на сјајниот Горан Трајковски. Сценографијата на Валентин Светозарев, на пример, е во согласност со карактерите на ликовите. Иако оваа претстава ги раскринкува сите слоеви на едно корумпирано општество, некои од ликовите сепак бараат спас во духовното. Со одличните режисерски решенија тоа ‘духовно’ во публиката се претвора во катарзично“.
Овој успех на Пројковски доаѓа по серија негови успеси надвор: најдобра претстава на „Сплитско лето“, претстава на годината во Хрватска, „афифе“ – театарски „оскар“ за претстава на годината во Турција, награда за најдобра претстава од критиката во Турција, најдобра претстава во Црна Гора на Биеналето на Црногорскиот театар, награда за најдобра претстава и најдобра режија на фестивалот на професионални театри во Војводина…
Венко Андоновски, како што е познато, е потврден и наградуван писател во регионот, како и во Русија и во Франција, надвор од Балканот.