Во заоблени галерии дизајнирани од Дејвид Аџаје, уметниците цврсто ја поставија Африка на мапата на Биеналето во Венеција, каде што европските држави секогаш биле доминантни, барем по бројноста
Венециското уметничко биенале, најславниот интернационален уметнички настан во светот, има историја што е неразделно поврзана со колонијализмот. Првиот павилјон за изложување на „национална“ уметност бил основан од Белгија во 1907 година, а следна била Британија. Европските држави остануваат доминантни на настанот, барем по бројноста. И иако земји како Кина, во последните неколку години започнаа сѐ почесто да се претставуваат преку свои национални павилјони, тоа не важи и за африканските земји. Сепак, оваа година, ова суптилно почнува да се менува. Гана се појави на сцената со изложба што вклучува уметници кои творат во земјата и уметници од дијаспората.
Сликите, фотографиите, филмовите, скулптурите и инсталациите се претставени во серии на вешто заоблени површини дизајнирани од архитектот сер Дејвид Аџаје, чие најславно дело е музејот „Смитсонијан“ на африканско-американска историја и култура во Вашингтон. Тој е, исто така, архитект на планираната Национална катедрала на Гана. Импулсот да се презентира национален павилјон потекнал од разговори помеѓу него и историчарката на уметност, режисерка и писателка Нана Офориата Ајим, кураторка на проектот. Како што вели Аџаје, тие чувствувале дека културната продукција на Гана е поголема од ефектот што го постигнува интернационално.
– Затоа на нашата презентација пред владата рековме дека културниот капитал на Гана не се слави во светот. И тие срдечно нѐ поддржаа – вели Аџаје.
Првиот павилјон на Гана официјално се отвори во присуство на првата дама на земјата, Ребека Акуфо-Адо. Меѓу изложените уметници е вклучена и сликарката Линет Јадом-Боакје, номинирана за наградата „Тарнер“, и Ел Анатсуи (роден во Гана, живее и работи во Нигерија), кој изложува некои од своите светкави скулптури од употребени капачиња. Исто така, претставена е и серија на црно-бели студиски портрети од 1960-тите и 1970-тите години од Фелиција Абан (83), која била првата професионална жена-фотограф од Гана. Поставката е комплетирана со делата на Ибрахим Махама и Селаси Авуси Сосу, уметници од Гана, и британскиот режисер Џон Акомфрах. Акомфрах, павилјонот и неговата содржина ги нарече „харизматичен пример во морето од белина“.
– Според мене, уметноста е дијалог. Тука во Венеција, ние го водиме најголемиот разговор на планетава, и сакавме да бидеме дел од него. Не затоа што Гана е поуникатна од која било друга африканска земја. Само сакавме да го направиме тоа најдобро што можеме – вели тој.
Изложбата е именувана „Слободата на Гана“, според песна компонирана за време на основањето на земјата во 1957 година, првата субсахарска африканска земја што се стекнува со независност од колонијалната власт. Но насловот, исто така, може да се смета како изјава за уметничката слобода и за слободата што е својствена на идејата за Гана, која, како што пишува филозофот Кваме Ентони Апија, во придружната книга на изложбата, е особено „дифузна и разновидна“ земја. Многу заедници живеат во Гана, а многу жители на Гана живеат надвор од нејзините граници.