Угледниот колумнист на британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“, Симон Купер, пишува дека луѓето воопшто не се свесни колку корист всушност имаат од светските мегабогаташи. За нив се зборува главно во негативно светло, се прозиваат нивната алчност и неумерениот дисплеј на раскошот, а тие нашето секојдневие го прават подобро. Како опсесивен љубител на фудбалот, Купер својот аргумент го почнува со примерот на Роман Абрамович, сопственикот на фудбалскиот клуб Челси. Без неговото постојано „пумпање“ безгранични парични средства, вели дека е прашање дали тој клуб би можел да егзистира и да држи чекор со барањата на современиот фудбал.
Музеј од 300 милиони евра
Ако ги погледнеме најпрепознатливите градби на Њујорк, кои стојат и денес како своевидни споменици на семејството Рокфелер, Вандербилт и Карнеги, се покажува дека како и во минатото, така и денес, еден отсто од најбогатите сака да биде насекаде присутен. Тврдењето на Купер држи вода ако ја погледнеме галеријата „Фондација Луј Витон“ во Париз. Според службената верзија, тоа е музеј на современата уметност, но во реалноста е многу повеќе од тоа: мегаломански проект што не само што е спектакуларен пример на спонзорство во уметноста и културата туку истовремено уверливо е најимпресивен омаж на еден луксузен бренд што некогаш сме го виделе. Бернард Арно, водечката личност на групацијата ЛВМХ, најголемата компанија на луксузни брендови на светот, која освен својот фундаментален и најуспешен бренд „Луј Витон“ ги поседува и „Моет и Шандон“, „Аква ди Парма“, „Кристијан Диор“, „Де Берс“, „Булгари“, „Лоро Пиана“, „Таг Хојер“, го чинеше шест години мечтаење и трпение, уште толку години изградба, низа правни битки и буџети од, како што се проценува, 300 милиони евра. Но фактот дека на крајот на минатата година овој музеј на модерната уметност и културен центар навистина ја отвори својата врата е сам по себе триумф.
Имено, за разлика од Американците, кои, се чини, отсекогаш вешто ги испреплетуваат уметноста и парите и поттикнуваат приватно спонзорство на уметничките институции, Французите со векови настојувале да ги држат одвоено тие два поима, сметајќи дека приватната сопственост на музеите би можела да ја претвори уметноста во нешто што не е. Уште во 2005 година, кога сличен проект најави францускиот милијардер и голем вљубеник во уметноста, меѓу другото сопственик на аукциската куќа „Кристис“, Франсоа Пино, тој бил толку пати одбиван, комплициран и уценуван, па го изгубил трпението и се откажал од него, а сличен проект, иако во помал обем, изградил во Венеција. Арно бил потрпелив, потврдоглав, a делумно имал и поголема среќа со времето. Глобалната финансиска криза го направила спонзорирањето на културата и уметноста сѐ поболно за француската влада. Покрај судската забрана за градење на проектот во 2011 година, издадена по инсистирање на граѓаните, државните власти ги омекнале своите крути правила и на Арно на крајот му било дадено зелено светло за изградба на музејот откако самиот државен врв донел одлука дека фондацијата „Луј Витон“ е проект што промовира јавно добро. Градоначалничката на Париз, Ана Идалго, истапи чекор напред, нарекувајќи го „подарок за Париз“.
Спојување на брендот ЛВМХ со уметноста
Скапоцениот париски подарок осамнал пред пет години над крошните на најпознатиот париски парк „Боа де Булоњ“ во западниот дел на Париз. Токму како и сите проекти на групацијата ЛВМХ, од импозантни продавници до дизајнирана облека и шишенца парфеми, не е можно да не се забележи. За изгледот на зградата многу се дискутирало, некои ја сметаат за ремек-дело, други за тупаница во окото на Градот на Светлината. Но во изборот на авторот на градбата, американскиот архитект Френк Гери, Арно бил сигурен и пред да одлучи да тргне во создавање на самиот музеј. Уште во 2001 година, кога првпат ја здогледал градбата на музејот „Гугенхајм“ во Билбао, побарал состанок со Гери, изнесувајќи му го својот план на спојување на брендот ЛВМХ со уметноста. За Гери, кој и покрај тоа што бил во подоцнежни години (над 80), но енергичен и незапирлив во своето творештво, проектот бил повеќе од возбудлив. Да се спојат модата, луксузот, уметноста и дрвјата на париската шума се чинело невозможно, што дополнително го мотивирало во својот омилен град да изгради ново ремек-дело. Стаклената зграда од речиси 12.000 квадрати, која изгледа како да е пресвлечена со едра, кои се виорат на ветрот, е уметничко дело само по себе. Факт е дека во случајот на фондацијата „Луј Витон“ повеќе се говори за градбата отколку за нејзината функција и содржината што ја нуди.
Спонзорирање на уметноста – нов тренд на елитата
Во постојаната поставка, раштркана во рамките на вкупно12-те галерии на музејот, се големите имиња на модерната уметност: Олафур Елиасон, Пјер Хиге, Герхард Рихтер, Акрам Затари, Томас Шуте, Елсворт Кели, Бертран Лавие, Тарин Симон, Сара Морис и Кристиан Болтански. Музејот е и место за редовни класични концерти и работилници, со аудиториум за 350 лица. Спонзорирањето уметност е нов тренд на меѓународната елита, поради тоа не е ни чудно што Арно не е единствената личност од Форбсовата листа на најбогатите, кои своите пари, љубовта кон уметноста и влијанието ги претураат во сопствениот музеј. На другите делови во светот речиси истовремено е отворен „Лонг мјузиум“, финансиран со средствата на кинеските колектори Лиу Тикјан и Ван Веи, како и „Јуз мјузиум“, кој го изградил индонезиско- кинескиот бизнисмен Буди Тек. Двата музеја се наоѓаат во Шангај.
Пред четири години во Лос Анџелес е отворен музејот на американскиот претприемач Ели Брод. На музејот на фондацијата „Луј Витон“ сѐ уште до некаде му се прибележува фактот дека не го зазел очекуваното место на уметничката сцена на светот, како што тоа четириесет години претходно го направи центарот „Жорж Помпиду“. Градбата и понатаму ја засенува уметноста, што може да му се припише или на нејзиното преголемо внимание или, пак, на премалото ниво на квалитетот на изложената уметност.
Ваквата инјекција на приватно финансирање во уметноста има ефект на потрес на меѓународната уметничка сцена. Ова е првата навистина значајна приватна инвестиција во уметничката сцена на Париз, во последните неколку десетлетија, и најголем архитектонски проект по претходно споменатиот центар „Помпиду“. Нo за француската метропола, отворањето на вратата на фондацијата „Луј Витон“ значи многу повеќе: првпат парижаните увидоа како приватните пари ги отвораат сите врати. Проектот на Арно би можел да го означи последното збогум на француската бирократија, барем кога е во прашање уметноста. Најслаткиот предизвик за музејот ќе биде да му го врати на Париз местото на уметничко средиште на светот, улогата што во последните години му ја презеде Њујорк. Додека Европа бараше здив во екот на финансиската анемија, Њујорк вешто се искачуваше кон врвот. Но големи се изгледите дека Бернард Арно, чие лично богатство се проценува на триесет милијарди долари, тоа ќе го промени. Повеќепати назначил дека овој проект е само почеток на неговите вложувања во уметноста. Веќе се говори за уметничка колонија во центарот на Париз што сака да ја финансира и поврзе со својата групација.
Спонзорирањето уметност е едукација на публиката
Начинот на кој Арно, познат по префинетиот вкус за сѐ што е убаво, од мода и уметност до музика и архитектура, има намера да ги одбира уметничките дела за својот музеј нема да биде многу различен од начинот на кој веќе со години ја заснова сопствената колекција.
– Го одбирам она што ми се допаѓа и со кое сакам да поминам многу време. Кога ќе видам уметничко дело, тоа во мене мора да пробуди силна емоција – рекол во едно интервју.
Првиот пат кога му се случило тоа, се потсетил, имал само десет години, кога видел слика на Ван Гог. Неколку десетлетија подоцна го купил и своето прво важно уметничко дело, делото на Моне за лондонскиот мост „Мост Чаринг крос“. От тогаш, на почетокот на 1980-тите, никогаш не застанал кога се во прашање бизнисот и уметноста. Сето она за што отсекогаш сонувал денес е содржано во фондацијата „Луј Витон“.
Како една од улогите на своето спонзорирање на уметноста Бернард Арно ја гледа и едукацијата на публиката. Фактот дека брендовите на групацијата се во толкава мера препознатливи ќе ги привлече и оние што не следат уметност да ја истражат уметноста што се поврзува со нивните омилени брендови, што создава цела низа можности, интереси, потенцијални купувачи и добри вести и за уметниците и за модерната уметност воопшто. Логотипот ЛВ ќе привлече поголеми кругови на луѓе од рекламите за музеј, уверен е Арно. Токму како што и пораката на американската старлета Ким Кардашијан на Твитер за нејзината посета на музејот му продала повеќе влезници од која било маркетиншка кампања.