Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките на претставата „Галеб“ по текст на Антон Павлович Чехов во режија на Нина Николиќ. Претставата е дел од годишната програма на националната установа Македонски народен театар за 2018 година.
Московската премиера на текстот „Галеб“ се случила пред точно 120 години и тоа е голем предизвик одново да се открие дека текстот и во денешни услови е актуелен и отвора теми што го допираат современиот човек, бидејќи станува збор за љубовна приказна. Во историјата на Македонскиот народен театар текстот „Галеб“ е поставен двапати, во режија на Димитар Ќостаров во 1960 година и на Бранко Ставрев во 1990 година. Новата претстава во режија на Нина Николиќ ќе биде трето поставување на овој класичен текст на сцената на МНТ.
– Текстот содржи ситуации што и денес ги живееме, како Чехов пред 120 години да го пишувал за 21 век. Пристапот што го имам во поставувањето на претставата е поинаков само во однос на брзината со која се одвиваат ситуациите – открива режисерката Нина Николиќ.
Во подготовката на претставата се вклучени актерите: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски, Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Благој Веселинов и Аксел Мехмет.
Во сценското и визуелно обликување на претставата свој удел ќе имаат архитектката Вишња Вујовиќ од Белград (Србија), која работи на сценографијата, Ивана Каранфиловска-Угуровска ја подготвува костимографијата, дизајнот на светлото ќе биде на Крис Јегер, како гостин од Велика Британија, додека кореограф е Димитрис Сотириу.
Додека траат подготовките на претставата, дизајнерот на светло Крис Јегер, од 26 до 30 ноември, во МНТ ќе ги открие своите мајстории на работилницата со наслов „Вовед во дизајнот на светлото и креативната комуникација“, а повикот за учество на работилницата е отворен до 10 ноември.
Планирано е премиерата на претставата „Галеб“ да се одржи кон средината на декември оваа година.