Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по вторпат го распишува конкурсот за краток расказ инспириран од стари фотографии, со наслов „Раскажувам фотографија“. Секој петок, на фјесбук-страницата на Фондот на холокаустот ќе се објавува фотографија што е поврзана со животот на Евреите во Македонија. Фотографијата треба да биде лајтмотив за расказот. Во расказите треба да доминираат случувања од животот на Евреите во Македонија во минатото.
Прифатливи ќе бидат раскази што може да придонесат за подобро разбирање меѓу луѓето, искоренување на омразата и разградување на предрасудите, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, холокаустот, емпатијата, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Целта е да се поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што има длабоки корени во сефардската раскажувачка традиција.
Конкурсот почнува со објавување на првата фотографија и тема, на 3 септември, а последната, десетта фотографија ќе биде објавена на 5 ноември.