Екипата за новиот игран филм на Милчо Манчевски, „Врба“, изминатите два дена снимаше сцени во Прилепско, во околината на манастирот „Трескавец“. Се снимаа летни сцени за филмот за кој, според продуцентот Јане Ќортошев, официјалното снимање е најавено за периодот меѓу 5 и 10 октомври.
„Врба“ ќе се снима во околината на Прилеп, а исто толку потоа и во Скопје. Во филмот во најголем број ќе играат актери од Македонија, главно млади, а тој ќе содржи три љубовни приказни поврзани преку симболот на врбата. Овој шести игран филм на Манчевски е поддржан е од Агенцијата за филм со 1,2 милион евра, а е во продукција на „Банана филм“.