По светската премиера на „Врба“ во режија на Милчо Манчевски на 14-от Филмски фестивал во Рим се огласи и светската критика. Едногласни во ставот дека ова е величествено враќање на Милчо Манчевски, кого го споредуваат со Бергман, и еден од најинтересните филмови на фестивалот и воопшто оваа година. Италијанскиот „Синематографе“ пишува дека станува збор за величествена македонска филмска приказна, која се појавува моќно, драматичен еп за три македонски жени и нивната желба за семејна љубов.
– Делото на Манчевски е многу покомплексно одошто може да се замисли… Едно од оние дела што е невозможно да минат незабележано, еден од најинтересните филмови на Римскиот фестивал и воопшто на 2019 година – пишува италијанскиот весник.
„Асбримувис“ смета дека режисерскиот поглед на Манчевски е поуниверзален и посеопфатен.
– Филмот на Манчевски го истакнува различниот начин на соочување со болката на трите жени. Наликува како трите женски ликови да се фази, еволуции на единствен женски лик што минува низ катарза. Милчо Манчевски се враќа, неговиот поглед станал поуниверзален и посеопфатен – стои во рецензијата.
Европскиот филмски портал „Синееуропа“ го дефинира филмот како раскошен и комплексно комичен.
– Манчевски мајсторски ги вткајува во едно нишките на трите приказни, со повторување на мотиви и мали ишарети, кои гледачот може да ги толкува како што милува. Визуелно ова е раскошен филм, комплексно комичен – стои во критиката.
„Врба“ беше добро примен од италијанските критичари, кои го сметаат за една од најфасцинантните филмски продукции на Римскиот филмски фестивал.