Имаше три периоди кога бев забранувана. Првиот кога имав 16 години, вториот период од 1985 година, кога во книжевните кругови повеќе бев позната како забранета писателка отколку како писателка, и третиот период ќе беше дефинитивна забрана да не дојдеше до пад на режимот. Напишав детска песна за мачка, низ фина пародија на режимот на двојката Елена и Николае Чаушеску, вели Бландијана во едно свое интервју
Водечката романска поетеса Ана Бландијана е лауреат на годинашниот „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Одлуката вчера, на Светскиот ден поезијата, ја соопштија дирекцијата и управниот одбор на СВП, чие 58. издание традиционално ќе се одржи на крајот на август. „Златниот венец“ ќе ѝ биде врачен на меѓународниот поетски митинг „Мостови“, на затворањето на „Струшките вечери на поезијата“. Елизабета Шелева, претседателка на управниот одбор на СВП, рече дека Бландијана е една од најдобрите и најценети европски поетеси, чиста лиричарка, исклучителен борец за правата и неуморен борец во времето на Чаушеску.
– Не можам да ви опишам колку ми значи „Златниот венец“, особено што ја сметам за највисока европска награда. Не можам да ви опишам бидејќи растев и станав поетеса под митската аура на Струга и Охрид – напиша Бландијана во својата порака за благодарност.
Ана Бландијана (1942) е псевдоним на Отилија Валерија Коман, романска писателка. Дебитирала во 1959 година во списанието „Трибуна“ од Клуж. Првата стихозбирка, „Прво лице множина“ ја објавила во 1964 година. Следуваа: „Ахилова петица“, „Трета тајна“, „Архитектурата на брановите“… Членка е на академијата „Стефан Маларме“ во Париз и на Европската академија за поезија. Добитничка е на „Хердеровата награда“ за книжевност во Виена 1982 и на наградата „Виленица“ (Словенија, 2002). За време на режимот на Николае Чаушеску од 1965 до 1989 год., повеќепати беше прогонувана и забранувана.
– Имаше три периоди кога бев забранувана. Првиот кога имав 16 години. Татко ми беше во затвор, а јас две песни објавив под псевдоним. Знаев дека под татковото презиме не можам да ги печатам. Меѓутоа, службата за безбедност работеше многу добро и откри дека сум ќерка на тој свештеник и на сите книжевни списанија во градот им беше испратено циркуларно писмо, каде што се открива дека зад псевдонимот се крие непријател на романскиот народ. Вториот период, од 1985 година, беше нешто подобар. Повторно дебитирав, а во книжевните кругови повеќе бев позната како забранета писателка отколку како писателка. Поради четири нови песни, повторно цензура. И третиот период ќе беше дефинитивна забрана да не дојдеше до пад на режимот. Напишав детска песна за мачка, низ фина пародија на режимот на двојката Елена и Николае Чаушеску – вели Бландијана во едно свое интервју.
Нејзиното име често се споменува во разговорите околу Нобеловата награда.
– Нема никаква тајна дека Нобеловата награда е политичка награда, и тоа со лева ориентација. Големиот писател Марио Варгас Љоса не ја доби бидејќи не е левичар. Што се однесува до мене, премногу пишував против комунистите за да го добијам „нобелот“. Би била среќна жирито да покаже дека оваа награда нема врска со политиката – вели Бландијана.
Сè
Ана Бландијана
Лисје, зборови, солзи,
кибрити, мачки,
одвреме-навреме
трамваи, редици
за брашно,
житни бубалки, празни
шишиња, говори,
издолжени
телевизиски слики,
лебарки од Колорадо,
бензин,
знаменца, познати
портрети,
Лига на европските
шампиони,
камиони со плински туби,
јаболка вратени од
извоз, весници,
векни, разводнето
масло, каранфили,
чекања на аеродром, сок
чико, соленки,
салама букурешт,
диететски јогурт,
Циганки со кент, јајца
од Креведија,
гласишта, серијал во
сабота навечер,
сурогати на кафе,
борба на народите за
мир, хорови,
производство во
хектари, Геровитал,
годишнини,
бугарски компот, собир
на работниците,
врвно вино со
географско потекло,
патики, вицеви,
момчиња од улицата
Викторија,
океанска риба, Одата на
Романија, сè
Превод: Лидија Димковска