Со доделување на наградите на режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку, синоќа во НУЦК „Марко Цепенков“ започна 54-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кое годинава се одржува под мотото „Ова е наше време, време е за театар“.
Фестивалот го поздрави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, посочувајќи дека во храмот на Талија ќе уживаме осум вечери и ќе ги впиваме храбите пораки на драматурзите и на сценаристите изговорени од извонредните актери, мајстори на занаетот. Тој додаде дека театарот е рефлексија на случувањата во општеството.
Отворајќи го фестивалот, заменик министерот за култура Владимир Лазовски, истакна дека по 54-ти пат Прилеп е најголемата театарска арена, на која ќе има креативен натпревар, кој ќе донесе нов триумф на театарската уметност во земјата.
Публиката синоќа уживаше во извонредниот настап на музичкиот виртуоз Влатко Стефановски, како и во изведбата на претставата „Магбет“, во режија на Нела Витошевиќ, за која денес ќе се водат разговори на тркалезната маса.
Вечерва во 19.30 часот, фестивалот продолжува со настапот на битолскиот театар со „Бакхи – краток поглед на распадот“, според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица.
Ка.М.