Како и минатата година, и овој февруари е бурен за Министерството за култура, зашто Годишната програма за проекти кои финансиски ќе бидат поддржани во 2019 година повторно вчера предизвика бројни реакции, неколку часа по објавувањето на резултатите.
Иако комисиите секоја годна имаат одговорна задача да изберат од илјадници апликации, а притоа со буџетот што е на располагање треба „едно цело да го поделат на три половини“, како што пред неколку години кажа еден претседател на комисија, овојпат не станува збор само за незадоволство, туку и за неверување. Бидејќи не се работи само за помалку пари, туку за нула пари за фестивали од рангот на Скопскиот џез-фестивал и Оффест …
Набргу по објавата на проектите, се загреаја социјалните мрежи со негодувања, споредби и прашања – како е укината поддршката за звучни манифестации, а ја има за анонимни здруженија.
Од Министерството за култура засега имаат само правна поука за рокот за жалба од 15 дена од денот на приемот на решението, а ресорниот министер Асаф Адеми во порака на Фејсбук објавена на веб-страницата на Министерството вчеравечер напиша дека со големо внимание ги следи критиките, реакциите, пофалбите и предлозите и дека е во постојан контакт со членовите на комисите и со правната служба во Министерството.
-По консултаците што ги имаме, заедно ќе одлучиме за следните чекори, напиша Адеми, додавајќи дека најмногу се трудел да ја зголеми транспарентноста, дека одлуките за секој проект биле земени врз основа на предлог на професионалната комисија и дека во ниту еден случај, како што вели, тој не вршел никаков притисок за избор на некој проект.
За да не се повторат пропустите од лани, министерот за оваа година назначи нови членови во речиси сите комисии по дејности и ги соопшти имињата на нивните претседатели. На прес-конференција во ноември – ден пред деветте комисии да почнат со нивната работа, Адеми изјави дека се потпира на предлозите што ќе ги добие од нив.
-Јас не сум супермен што може да разгледа пет илјади апликации. Затоа имаме девет комисии, некои се тричлени, а некои каде што има поголем број апликации имаат пет члена. Уверен сум дека сите членови се професиналци и работата ќе ја завршат чесно и успешно, рече пред речиси три месеци Адеми.
Тој вчера службено отпатувал на Берлинскиот филмски фестивал, а Министерството за култура резултатите од Годишната програма не ги соопшти на прес-конференција туку ги објави на веб-страницата. По многуте реакции и пред тој да се огласи на Фејсбук, од Министерството ни соопштија дека пристигнатите проекти ги разгледувале стручни комисии кои се воделе по пропишаните мерила и критериуми за секоја од дејностите.
-Освен што беа разгледувани сите пристигнати пријави во однос на нивната содржина, се евалуираше и техничкиот аспект, односно исполнетоста на условите за аплицирање и документацијата која задолжително се бара, одговори Министерството за култура, нагласувајќи и дека годинава имало рекордна заинтересираност од физички и од правни лица и биле доставени 5560 апликации, а комисиите предложиле поддршка за 2781 проект.
Објавата на резултатите вчера предизвика и една оставка во 14-членот Совет за култура. Се повлече режисерката и професорка на ФДУ Зоја Бузалковска, која во отворено писмо му напиша на премиерот Зоран Заев: „Не ја ставивте културата под точка разно, вие ја жртвувавте. Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по културата и образованието!…“
Реакциите по објавувањето на резултатите за проектите минатата година траеја еден месец и по секојдневните посочувања примери на несоодветности и нелогичности во распределбата на буџетот, тогашниот министер Роберт Алаѓозовски во март донесе одлука за повлекување на најспорните проекти, со вкупна сума од 8.519.000 денари. Главно, тоа беа проекти на здруженија од Тетово и Гостивар.