Во Домот на културата „Лазар Софијанов” во Кратово денеска ќе биде отворена изложбата на фотографии „По трагите на Св.Кирил и Методиј“. Изложбата ќе се одржи по повод патрон-празникот на општина Кратово, Св. Ѓорѓи Кратовски.
Во галерискиот простор на Музејот на град Кратово ќе бидат изложени вкупно 32 дела од авторот Павол Демеш од Братислава, Република Словачка.
Фотографиите се создадени во период од три години при посетите на местата поврзани со животот и дејноста на словенските просветители, поради што изложбата претставува една фотографска биографија на Св. Кирил и Методиј.
Оваа изложба прв пат е претставувана во изложбените салони во Братислава, во неколку градови во Европа и САД.
Изложбата „По трагите на Св. Кирил и Методиј“ во Кратово се организира под покровителство на Амбасадата на Република Словачка во Скопје. Досега изложбата на македонската публика е претставена во Скопје и Охрид.