Познат по своите скулпторски текстилни дела, уметникот Фаиг Ахмед го претстави своето најново парче наречено „Сомнежи“, кое е конвенционално обликувано и ишарано, а претставува голем тепих што се издига од вир. Восхитувачкото дело прикажува како украсниот мотив се вмешува во витлите од боја и аморфната форма на подот.
Уметникот од Баку, Азербејџан, започнал да работи на делото „Сомнежи“ еден месец пред да се воведе карантинот поради ковид-19.
– Поради карантинот, моравме да го затвориме нашето студио за текстил неколкупати, а уметничките дела на разбојот чекаа на својот ред. Пред неколку дена, по седум месеци, „Сомнежи“ беше тргнат од разбојот. Нема повеќе сомневања во овој тепих, пречекорувајќи ги геометриските разбирливи граници на шарата, тие се мешаат едни во други на подот. Ова е границата на сомнежите – открива Ахмед.
Надреалните скулптури на Фаиг Ахмед вклучуваат антички техники на ткаење килими од неговата родна земја Азербејџан, во форми што секој би ги идентификувал како хиперсовремени. Неговите сложени ткаења се поставени на архитектонски конструкции, изработени во дрво или пластика. Понекогаш силниот контраст помеѓу белата форма и традиционалниот таписер е доволно зачудувачки сам по себе, а понекогаш Ахмед ги менува шарите, асоцирајќи на дигитална манипулација, пикселација и изобличување.
Негови дела биле изложувани на престижни саеми и музеи, вклучувајќи ги и Биеналето во Венеција и Националниот центар за современа уметност во Москва.