Во рамките на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ вечерва ќе настапат уметниците од Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ од Србија. На програмата се традиционални напеви, црковни и духовни песни прилагодени на хорска изведба. Почетокот на концертот е во 21 часот во Предворјето на црквата Св.Софија.
Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ е основан во 2005 година и го сочинуваат професионални уметници кои се постојани членови на хорот на операта на Народниот театар во Белград.
Ансамблот настанал со желба на домашната и странската публика да им се понудат дела од различни жанрови. Во текот на петнаесетте години постоење, ансамблот настапува во различни формации- од мешовит до само женски или само машки состав.
Последните години „Ноктурно“ остварува плодна соработка со диригентот Ѓорѓе Станковиќ и се профилира како машки ансамбл кој ја негува традиционалната и духовна музика од Србија и Балканот. Остваруваат бројни настапи на домашната, српска сцена, но и во странство во САД, Исланд, Хрватска, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.