Вокален дует ќе настапи вечерва, во 20 часот, во камерната сала на Филхармонија. Изведувачи на концертот се Суат Арикан – бас-баритон (Турција) и Шебнем Аридаг Кишлали – сопранистка (Турција), во придружба на Џан Окан – пијано (Турција). На програмата се дела од Бах, Хендл, Масне, Мартини, Чајковски, Росини, Пучини, Верди и Моцарт.
По дипломирањето на Државниот конзерваториум во Анкара, бас-баритонот Суат Арикан континуирано ги развива својот стил и репертоар, кој опфаќа улоги од оперски дела од 17 век до современа музика. Во 2006 година е одликуван како витез на уметноста од италијанскиот претседател, за неговите придонеси во оперската уметност. Од 2003 година работи како уметнички директор на Државната опера и балет во Истанбул.
Сопранистката Шебнем Аридаг Кишлали во 2006 г. добила стипендија од Италијанскиот културен центар и посетувала семинари во Сиена, каде што била наградена со почесна диплома, а во исто време била поканета да посетува специјално училиште и во Софија. Зад себе има голем број улоги во опери, како „Фалстаф“, „Боеми“, „Аријадна од Наксос“…
Пијанистот Џан Окан магистрирал и како пијанист но и како диригент на Кралскиот колеџ за музика во Стокхолм. Активен е и на двете полиња, настапувајќи низ Турција и надвор од земјата.