Музејот на македонската борба, во рамките на проектот „Отворени музеи“ за унапредување на инклузивноста, едукацијата, социјалната правда и пристапноста на музеите, денеска, во 10 часот, ќе промовира водич за музејска програма за деца/лица со аутизам и нивните семејства, а ќе се одржи и семинар за музејски работници. На промоцијата, која е дел од музејските активности за Европските денови на културно наследство, ќе се обратат министерот за култура Асаф Адеми, директорката на Музејот на македонската борба, Даниела Николова, и авторите и претставници на партнерите во проектот.
Главна цел на проектот е промоција на културното наследство, подобрување на пристапноста на музејските содржини и иницирање иден развој на музејски програми за подобрување на инклузивноста на ранливите групи во општеството – деца со аутизам и нивните семејства.
Проектот се реализира во соработка со ПОУ „Д-р Златан Сремац“ – Скопје и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), а е финансиран од делегацијата на ЕУ, во рамките на одбележувањето на 2018-та, Европската година на културното наследство.