Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година од областа на ликовната критика. Комисијата во состав: Мира Гаќина (историчарка на уметноста и кураторка), Славчо Димитров (теоретичар на културата) и предлози донесе одлука наградата да му ја додели на Владимир Јанчевски за неговиот истражувачки предлог-проект „Политички слики после смртта на уметноста: Фотомонтажните интервенции како релевантна политичка акција и нивната дисеминација во медиосферата“.
– Предлог-проектот на Владимир Јанчевски тргнува од историското, светското и регионално наследство, место, значење и впечаток што го имаат оставено во историјата на уметноста различните политички ангажирани уметнички практики на сатира, карикатура и фотомонтажните слики, за да ги смести истите тие во современиот локален контекст, и да понуди интерпретативна рамка и теориски и методолошки издржана перспектива за читање и контекстуално – сензитивно сместување на овие практики во современиот македонски контекст (2009/2016 г.). На овој начин, вредноста на предложениот проект е, најмалку, тристрана. Од една страна, истиот нуди поширок историски преглед на фотомонтажата и сатирата како политички ангажирани уметнички форми, кои својата интервенција ја пренесуваат од автономно-уметничката сфера директно во полето на политичката арена. Од друга страна, Јанчевски има цел да ги истражи сликовните техники и стратегиите, и политичките импликации на фотомонтажните сатирични слики, како директен израз на протестната визуелна култура во специфичниот и автократски карактеризиран политички контекст на Македонија, што му ја дава и третата вредносна димензија на овој предлог-проект – се вели во одлуката.