Освен во „Тоска“, со која ќе се отвори сезоната 2019/2020, нашиот оперски пејач ќе настапи во уште две продукции во истата сезона на оваа престижна сцена, во оперите „Федора“ на Џордано и „Пелеас и Мелисанда“ на Дебиси
Нашиот врвен оперски бас Владимир Саздовски ќе настапи на отворањето на новата сезона 2019/2020 на престижната миланска „Скала“, како солист во новата продукција на „Тоска“ на Пучини, заедно со оперската дива Ана Нетребко и под диригентската палка на големиот Рикардо Шаи. Освен во „Тоска“, нашиот оперски пејач ќе настапи во уште две продукции во истата сезона на оваа престижна сцена, во оперите „Федора“ на Џордано и „Пелеас и Мелисанда“ на Дебиси.
Саздовски е нашиот трет оперски пејач, по Александар Стефановски и Благој Нацоски, што настапува во „Скала“ во Милано.
Владимир Саздовски (1983), кој досега имал голем број аранжмани во Италија, Кина и во Дубаи, своето музичко образование го започнал во музичкото средно училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје на одделот за пеење со проф. Милка Ефтимова.
Продолжил на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија во класата на проф. Нико Исаков и дипломирал во 2006 година. Во периодот 2007-2009 година добил стипендија од „Сее музиктеатер“ од Виена, каде што имал специјализација на Универзитетот за музика и сценска уметност од Виена во класите на проф. Михаил Теме, Лео Плетнер и Антон Шерингер. Исто така тој го има освоено и второто место на меѓународниот натпревар за оперски пејачи во Битонтон и специјалната награда од Јапонија, каде што го пеел Риголето и еден концерт во Токио. Во 2013 година присуствувал на европската летна музичка академија во Приштина, Косово каде што бил избран за најдобар ученик и настапил на последниот концерт. Во 2013 година ги започнал постдипломските студии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во класата на проф. Борис Трајанов. Од 2006 година работи како бас во Македонската опера и балет.
Од пред некоја година, Саздовски соработува со италијанскиот менаџер и продуцент Марио Дради, застапник на најпознатите светски музички ѕвезди во класиката, Лучано Павароти, Пласидо Доминго, Хозе Карерас и диригентот Зубин Мехта. Дради е автор и на популарниот проект со нив, „Три тенори“ од 1990-тите години, кој функционираше до 2003 година. Саздовски, кој работи како бас во Македонската опера и балет од 2006 година, дознал дека има аудиција во театарот „Сан Карло“ во Неапол од италијански колега што пеел во „Севилскиот берберин“ во МОБ. Аудицијата била за трилогија на Моцарт, „Така прават сите“, „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“, која се подготвувала за гостување во Дубаи, во продукција на „ДМ артист“ на Дради. Имало голем број пријавени и селектирани и, по пробите, Саздовски бил ангажиран за улогата на Лепорело во „Дон Џовани“ во Дубаи, а за другите две пеел како замена. Оттаму заминал за Сасари на Сардинија, каде што пеел во „Турандот“, па во операта „Евгениј Онегин“ во театрите во Трст и во Удине.