Аида Белоид, официјална портпаролка на фестивалот, рече дека забраната за собири нема директно влијание врз организацијата на фестивалот бидејќи никогаш немаат повеќе од 5.000 собрани на едно затворено место. Но тоа е без да се земат предвид сите луѓе што се собираат пред театарот пред почетокот на фестивалот
Досега негативните последици од коронавирусот во филмската индустрија најмногу се почувствуваа како резултат на намалувањето на заработувачката на киноблагајниците во Кина и одлуката да се одложи премиерата на новиот филм на Џејмс Бонд за наесен. Но сега се поставува и најгорливото прашање со кое се соочува меѓународниот филмски бизнис – 73-то издание на Канскиот филмски фестивал, предвидено да се одржи од 12 до 23 мај.
Кан допрва треба да донесе одлука, оставајќи голем простор за шпекулирање. Минатогодишното издание беше особено импресивно: регистриран беше рекорден број од 12.527 учесници, а фестивалот му додели „златна палма“ на претстојниот добитник на „оскар“ за најдобар филм „Паразит“, кој во истиот ден премиерно се претстави со филмот на Квентин Тарантино „Си беше еднаш во Холивуд“.
Па, колку е веројатно фестивалот да биде откажан? Земајќи предвид дека првиот случај на коронавирус во Кан беше потврден на 28 февруари, веќе следниот ден, француската влада издаде забрана за собири на кои ќе има над 5.000 луѓе. На 4 март беше откажана меѓународната телевизиска конференција со седиште во Кан, „МипТВ“, а „Кансерис“, конкурентскиот телевизиски фестивал, беше преместен за 9 октомври. Потоа француската влада ја продолжи забраната до 31 мај.
Од фестивалот, пак, соопштуваат и потврдуваат дека е планирано да се објави официјалната селекција на 16 април, како и вообичаено.
Исто така, фестивалот објави и пораст од 9 отсто во барањата за акредитација за разлика од минатата година. Спајк Ли сè уште е на добар пат да биде претседател на жирито.
Аида Белоид, официјална портпаролка на фестивалот, рече дека забраната за собири нема директно влијание врз организацијата на фестивалот бидејќи никогаш немаат повеќе од 5.000 собрани на едно затворено место. Но тоа е без да се земат предвид сите луѓе што се собираат пред театарот пред почетокот на фестивалот.
Со оглед на овие случувања, тешко е да се замисли дека фестивалот ќе се одвива според закажаната програма.
Градот се наоѓа на помалку од еден час од италијанската граница, каде што најмалку илјадници луѓе се заразени од вирусот. Голем број луѓе што работеле на филмовите и во нормални услови би присуствувале на фестивалот, играат претпазливо со авионските летови. Доколку се случи големи компании да го откажат своето присуство на фестивалот, тогаш Кан едноставно нема да биде Кан. Тогаш зошто фестивалот сѐ уште ја негира можноста од откажување? Многумина во тесниот круг на организаторите во Кан одбиваат да коментираат. Еден од организаторите што одговори на прашањата во врска со случувањата е Паоло Морети.
– Засега го подготвуваме фестивалот. Пред три недели, тоа беше сосема друга приказна. Не знаеме што ќе се случува за три недели од сега. Сите ние ги имаме истите информации и делиме ист став: се подготвуваме да ја објавиме листата. Не можеме да направиме поинаку – изјави Морети.
Тука се наметнува и прашањето, кој би бил исходот од поместување на фестивалот за малку подоцна во текот на годината. Доколку настанот не се одржи во мај, фестивалот секако ќе се обиде да спаси одредени аспекти од своето влијание врз глобалната филмска индустрија. Како што и веќе еднаш претходно се случило, во пролетта 1951 година кога фестивалот се одложил поради Венеција, тоа, секако, би можело да се случи и сега.
Една гласина што кружеше оваа недела сугерираше дека организаторите на фестивалот размислувале да го преместат во октомври, обезбедувајќи платформа за филмови што сè уште се натпреваруваат за учество на Канскиот филмски фестивал и можеби би сакале да продолжат на вообичаените есенски фестивали. Сепак, повеќе претставници на фестивалот ја негираа гласината.
Но доколку Кан сепак се одлучи да го одложи фестивалот за подоцна во текот на годината, повеќе би имало смисла тоа да биде наесен отколку налето, бидејќи јуни и јули се премногу блиску и, веројатно, нема да бидат доволно безбедни за азиските компании или спонзори да се вратат. Но сѐ уште е рано да се знае што било. Вирусот продолжува да се шири, а Кан продолжува да ја игра играта на чекање.
– Има многу шпекулации. Повеќе би сакал да се придржувам до упатствата што ги имаме во моментот и се надевам дека Кан ќе се случи. Можеби ќе има некаква интервенција или измена што не ја знам или не ја контролирам, но сепак се надевам дека може да се стори нешто за да се случи фестивалот -вели Морети.
Новиот филм на Митевска во Кан
Најновиот филм во развој на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, работен според сценариото на Елма Татарагиќ и на Теона Стругар Митевска ќе биде претставен во рамките на програма за развој на проекти „Ателjе“ на Канскиот филмски фестивал. Ова е првпат Македонија да има свој проект на оваа најпрестижната програма. Канцеларијата за прес на Канскиот филмски фестивал соопшти дека 15 филмски проекти од целиот свет во изострена селекција се избрани за годинашната програма.
Софистицираната селекција претставува пресек на млади автори и веќе етаблирани филмски уметници во кои Кан верува. Проектите, заедно со авторите и продуцентите, ќе бидат претставени пред огромен број копродуценти, дистрибутери, продажни агенти, фестивали и филмски професионалци заинтересирани за соработка. „Ателје“ е една од најпрестижните платформи за преставување нови сценарија на авторите.