Музички приказни
Невозможно е човек да отиде во Рим, а да не се врати вљубен. Во градот. Рим е љубов на прв поглед, љубов за сите сетила и љубов е што трае – засекогаш.
Трите парички фрлени во „Фонтана ди Треви“ „обезбедуваат“ сигурно враќање во Рим, но дури и враќањето никогаш да не се случи, мислите секогаш одново и одново се сноват низ спомените за вечната љубов. Рим не се посетува, Рим се доживува. Пеш. Талкајќи низ уличките човек се чувствува истовремено изгубено и пронајдено. Секоја градба, секое ќоше со својата едноставна, а раскошна убавина раскажува своја приказна.
Сите тие приказни ги чул и со музички јазик ги прераскажал Оторино Респиги (1879-1936) во неговата „Римска трилогија“. Со „Римските фонтани“ од 1916, „Римските пинии“ (кај нас несреќно преведувани како „Римските борови“) од 1924 и „Римските празници“ од 1928 година, Респиги нѐ води на музичко патување низ Рим на кое растреперува душата. Привлечен од сензуалната атмосфера на поемите на римскиот поет Габриеле Данунцио, успева со нотен текст, наместо со букви, да ја пренесе суптилноста на зборовите на поетот, а истовремено да го опише своето видување на Вечниот Град. Со својот карактеристичен стил, кој е спој на италијанскиот и на рускиот музички израз, прави да се почувствуваме дека сме во Рим и кога не сме.
Со музиката нѐ плени како што некогаш само мајсторски избраните зборови умеат. Нѐ гушка блиско, најинтимно. Прегрнати од музиката минуваме покрај фонтаната на Вале Џулиа во мугри, го гледаме Тритон како танцува со утринската светлина, напладне ѝ се восхитуваме на „Фонтана ди Треви“, крај фонтаната кај „Вила Медичи“ го гледаме зајдисонцето. Им се восхитуваме на пиниите во градината на „Вила Боргезе“, крај катакомбите, кај Џаниколо и на Виа Апиа. Фанфарниот одек на трубите нѐ воведува во Римските празнувања и на крајот ја заокружува фестивалската атмосфера на „Пјаца Навона“.
И за да биде мојава приказна целосна, ја препорачувам „Римската трилогија“ во изведба на оркестарот на „Сент Мартин ин д Филдс“, под маестралното водство на сер Невил Маринер.
Лада Шоптрајанова Петровска