Во рамките на 44-тото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Млад отворен театар“, Театарот „Јордан Х.К-Џинот“, Велес ќе ја изведе претставата „Злосторството на 21 век“ од британскиот автор Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин во четврток, 19 септември, на Големата сцена со почеток во 20 часот.
„Злосторството на 21 век“ е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од најважните живи драмски автори, длабоко контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството, како и неговите теории за драмата.
Текстот е напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век и тоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.
Во претставата настапуват актерите Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова. Преводот на текстот од англиски јазик е на Владимир Милчин и Ема Маркоска Милчин, сценографијата за претставата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупуческа, а автор на музиката е Марјан Неќак.
„Злосторството на 21 век“, која премиерно беше изведена во мај годинава е прва театарска продукција на Велешкиот театар од Програмата за 2019 година поддржана од Министерството за култура. Билетите за нејзината фестивалска изведба на МОТ се веќе во продажба на билетарницата на театарот и на МКЦ во Скопје.