Австрија, татковината на Бетовен и Моцарт, има долга историја на негување на операта. Можеби валцерите, барем во поново време, се она што директно асоцира на Виена и на Австрија; можеби операта е покарактеристична за Италија отколку за Австрија (заради Верди, Росини и Пучини), но во Виена се наоѓа една од најдобрите оперски куќи во светот – Виенската државна опера, која на 25 мај слави 150 години од постоењето. На тој славен 25 мај 1869 година, новата и долгоочекувана зграда на операта (изградбата започнала во 1861 г., по проект на архитектите Аугуст Сикард фон Сикардсбург и Едуард ван дер Нил) ја пречекала публиката со операта „Дон Џовани“ од Моцарт. Сите 1.709 седишта и 567 места за стоење биле исполнети од возбудената публика. Иако и претходно во Виена операта имала свое место во општествениот живот, новата сала ја донела во полн сјај. И така е веќе сто и педесет години. Во Виенската државна опера свој блесок на сцената имале сите најголеми уметници од она време и од денешницата, изведени се сите значајни опери. Под раководство на Ханс Рихтер (од 1880 до 1896 година) за Вагнеровиот „Нибелуншки прстен“ се барал билет повеќе. Во времето на директорувањето на (мојот омилен) Густав Малер, Операта ги доживеала своите златни години. За време на бомбардирањето на Виена во Втората светска војна не била поштедена ни Операта.
Предниот дел – фоајето со фреските на Мориц фон Швинд, главните скали, аулата и собата за чајанки останале недопрени, а речиси целосно разурнати (односно опожарени) биле сцената и гледалиштето, целата сценографија за околу 120 опери и речиси 150.000 костими. Се поставило прашањето дали вреди да се обнови зградата или да се урне, па на нејзино место да се изгради нова зграда или, пак, да се направи сосема нова зграда на нова локација. На крајот се одлучило да се обнови зградата онаква каква што била претходно. По обновата и сѐ до денес, Виенската државна опера е една од најплодните оперски куќи во светот, со 50-60 дела на репертоарот и со околу 200 претстави годишно.
Лада Шоптрајанова-Петровска