Преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти од домашната архива на скопјани се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат
Премиерното прикажување на краткиот филм за Скопје, насловен „Тајните архиви на Скопје“, ќе се одржи на 13 ноември, од 18 часот, во Кинотеката на Македонија. Носител на проектот е „Вардар филм“, кој има за цел зачувување и афирмација на материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тонот е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски. Проектот е реализиран во соработка со Кинотеката.
– Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту, пак, да се врши измена во монтажата, туку да се прикажат истите тие во реално светло, онака како што неколку децении биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти – велат од „Вардар филм“
Процесот на реализација на овој проект започнува со дигитализација на материјалите добиени по пат на јавен повик, потоа се преминува кон монтажа на слика и звук, како и проекција на краток филм за Скопје, каде што главните протагонисти се обични граѓани. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 мм и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.
Архивските снимки од Скопје што досега не биле видени ќе отклучат еден нов лик на градот што со децении бил скриен и заборавен во домашните семејни колекции. Тој во себе ги чува тајните на овој град и неговиот развиток во текот на децениите.
„Тајните архиви на Скопје“ е проект поддржан од градот Скопје.