Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ нема да се одржи во својата реална форма, но достојно ќе биде одбележан со еден централен настан во Битола, што ќе се одржи на 19-ти септември, 2020 во Пациото на Музеј и завод на Битола. Основен мотив за оваа одлука е зачувувањето на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект што оваа состојба ни го наметнува во сите сегменти на нашиот социјален живот.
На овој настан ќе се обратат покоровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот. За време на овој настан ќе има и обраќање на добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински преку видеоврска, а целиот настан ќе се пренесува во живо на Првиот програмски сервис на МТВ и на фејбук-профилот на фестивалот.
На режисерот Столе Попов ќе му биде врачена наградата што ја доделува ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Видеообраќање до фестивалот се очекува да има и новиот претседател на Меѓународната асоцијација на кинематограферите (ИМАГО), Кејс Ван Острум.
На настанот ќе биде прикажано и видео за новото кино „Манаки“ во Битола.
На централниот настан за одбележување на 41. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се очекува да присуствуваат и неколку амбасадори, филмски работници и дејци од културниот живот на земјата.
– На овој настан нема да има повеќе од 80 гости, кои ќе треба да ги почитуваат сите мерки и протоколи за однесување на присуство на манифестација на отворено, донесени од Владата. Ќе располагаме со маски, ракавици, средства за дезинфекција и ќе ја почитуваме пропишаната дистанцата. Пред влегување на секој од гостите ќе му биде измерена температура и сите оние кои ќе имаат зголемена телесна температура (над 37 Ц) нема да може да присуствуваат на настанот.
Влегувањето на гостите ќе се одвива од 17.45 часот до 18.30 часот кога и би почнал директниот пренос, кој ќе трае до 19.30 часот – соопштија организаторите.