Унгарскиот мајстор на туба Роланд Сентпали на први декември (недела) ќе настапи во Камерната сала на Филхармонија. Ова е прв пладневен концерт во Филхармонија, со поинаков концепт од стандардното концертно претставување. Концертот е насловен „Бранч енд брас“ и пред настапот на Сентпали, кој почнува во 12 часот, публиката ќе има можност во опуштена атмосфера во фоајето на Филхармонија да ужива во мала закуска и кафе. Преку овој концерт институцијата се обидува да излезе од рамките на конвенционалниот концерт и на публиката да ѝ понуди малку поинакво уживање во музиката, збогатено со храна и пијалак. Бранчот ќе почне еден час порано, во 11 часот.
Роланд Сентпали е еден од најзначајните тубисти на светската музичка сцена во моментов. Роден е во Унгарија, а еуфониум почнал да свири на 12 години. Продолжил да изучува туба под менторство на Сандор Лукаш. Студирал на академијата „Бела Барток“, а потоа и на академијата „Франц Лист“. Сентпали е и композитор и аранжер, а негови композиции се дел од репертоарот на речиси секој тубист. Моментално е прв тубист во Унгарската филхармонија, а постојано одржува мастеркласови во Европа, САД и во Јапонија.
Со Сентпали заедно на сцена ќе настапат Младен Ѓорѓевиќ – труба (Србија), Драган Младеновски – труба, Јордан Колевски – труба, Горан Арменски – труба, Милан Роксандиќ – хорна (Србија), Благоја Василевски – хорна, Димче Белчовски – тромбон, Тибор Балинт – тромбон (Србија), Бранко Илиевски – тромбон, Никола Ристевски – тромбон, Александар Ниниќ – туба. Гостин на концертот е диригентката Дијана Имери-Илкоска.
На програмата се дела од Чајковски, Габриели, Хендл и Стевенс.