Познато е дека музеите во понеделник се затворени за посетители и ваквите виртуелни содржини го привлекуваат вниманието на граѓаните особено сега, за време на пaндемијата
На веб-страницата на Археолошкиот музеј на Македонија, во рубриката „Музејски понеделник“, деновиве може да се погледнат дел од интересните и едукативни содржини поврзани со артефакти или теренски истражувања. Станува збор за вотивниот релјеф со претстава на богот Асклепиј и божицата Хигија, датиран од 3 век, а откриен во селото Ореовец, Прилепско. Асклепиј е бог на лекувањето, а неговата ќерка Хигија е заштитничка на здравјето.
– Според грчката митологија, откако Персеј ја отсекол главата на Медуза, божицата Атена му ја дала протечената крв на Асклепиј, за која се верувало дека е лековита и со чија помош тој успевал да ги оживее мртвите. Асклепиј им го пренел своето знаење на своите пет ќерки и три сина, а едната од нив, Хигија, одиграла важна улога во одржувањето на култот кон него. Хигија на грчки јазик значи „чистота“ (хигиена), што во антиката било сметано за основен предуслов за здравје, па додека татко ѝ лекувал, таа го продолжувала доброто здравје и ги спречувала болестите – стои во објавениот текст во „Музејски понеделник“.
Во Античка Грција, Хигија била позната како млада жена што во раката држи змија и сад со вода, кој симболизира здравје. Култот кон Асклепиј и Хигија бил широкораспространет низ целиот антички свет, ним им биле посветени голем број светилишта, т.н. асклепиони.
– Најпознатите светилишта се наоѓаат во Епидаур, на островот Кос и во Пергам во Мала Азија. Во нив оделе болни луѓе, кои принесувале жртви, носеле разни подароци или оставале вотивни релјефи за да се пронајде некој лек, да добијат совети и да се излекуваат – велат од Археолошкиот музеј.
Оваа рубрика, како што напоменува Ива Лабан, одговорна за односи со јавност во Археолошкиот музеј на Македонија, следува по претходната, „Тема на месецот“, која заврши лани во септември. Познато е дека музеите во понеделник се затворени за посетители и ваквите виртуелни содржини го привлекуваат вниманието на граѓаните особено сега, за време на пaндемијата.
– Досега беа објавени скулптурата на праисториската дама од Тумба Маџари, двете бронзени светилки од Стоби, керамички светилки-ритони од локалитетот Тумба Радобор, најзначајниот и најлуксузен наод од доцноантичкиот период, стаклената чаша „Дијатрета“, појасната тока со претстава на богот на морето Посејдон. Од римскиот период, ги претставивме божицата на убавината Венера (Афродита) и бронзената апликација со претстава на планински јарец. Во согласност со моменталната ситуација, го објавивме вотивниот релјеф со претставата на Асклепиј и Хигија. Во поглед на истражувањата и локалитетите, ги претставивме Куршумли-ан, Стакина чешма, Валандово, Голема Пешт, с. Здуње и Гимбабица, Преспа – посочи Ива Лабан.