Единаесеттото издание на фестивалот прераснува во регионален, со оглед на тоа дека
благодарение на ВоД платформата „Cinesquare.net“, филмовите ќе бидат достапни во 13 земји во регионот.
30 ноември: Деведесет филма од цел свет од денеска до 6 декември ќе бидат дел од програмата на Мобил филм фестивал, што ќе се реализира по 11-ти пат. Филмовите поделени во три програми ќе бидат бесплатно достапни на ВоД платформата „Cinesquare.net“. Поради ковид-ситуацијата, годинава одлучивме фестивалот да се реализира исклучиво со онлајн-програма.
Мотото на фестивалот е „Размислувај поразлично“. Сите филмови на фестивалот, благодарение на платформата „Cinesquare.net“ се достапни во 13 земји во регионот. Со тоа Мобил филм фестивал од годинава прераснува во регионален филмски фестивал.
Голем интерес покажаа филмаџии од цел свет за да учествуваат на нашиот
фестивал. Селектирани се: 22 филма во официјалната конкуренција, 36 –
ковид-програма, 31 од анимирана програма.
Традиционално, ќе бидат доделени награди за најдобрите филмови. Најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, за најоригинална приказна и најинвентивен филм. За наградите ќе одлучи тричлено жири во состав: Горан Наумовски, кинематографер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“, Карл Бардош, филмски режисер и продуцент со богата професорска кариера на многу американски универзитети, а е посебно фокусиран на филмовите снимени со мобилен телефон. Неговиот курс „Cell Phone Cinema“ се смета за
најиновативен курс во академската 2019/2020 година во САД. Третиот член на жирито е филмскиот критичар Златко Ѓелевски.
Мобил филм фестивал, што го организира продуцентската куќа „КТ-Филм и Медиа“ е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.