Берт Вајл изложувала идни титани на модерната уметност кога никој друг не сакал и не покажувал никаков интерес кон нив, па го сторила тоа за повеќе од 400 тогашни уметници
Во миразот на Берт Вајл имало 4.000 франци и таа не сакала да потроши ниту еден за мажење. Триесет и шестгодишната парижанка имала подобри идеи каде да ги потроши своите пари. Пастелите со бикови од нечуен млад шпански уметник по име Пабло, или, пак, нешто слично, биле доволно евтини и интригирачки за да можат да се закачат во уметничката галерија, која тукушто ја отворила, на 1 декември 1901 година, на 25-та улица Виктор Масе. Мотото на галеријата Берт Вајл било „место за млади“ и претставувало дом на современата уметност од 20 век, категорија во уметноста што допрва требало да биде именувана.
– Берт Вајл беше целосно посветена на модерното сликарство. Тоа беше форма на страст. Таа беше единствената што откри непознати уметници, што во тоа време претставуваше многу ризичен комерцијален облог – вели Маријана Ле Морван, истражувачка на Вајл и авторка на првата биографија на авангардната колекционерка.
Вајл ги купила, ги изложила и ги продала делата на Пабло Пикасо пред тој некогаш да се пресели во Париз или да наслика некое од делата што сега се сметаат за модернистичка легенда. Таа изложувала идни титани на модерната уметност кога никој друг не сакал и не покажувал никаков интерес кон нив, па го сторила тоа за повеќе од 400 тогашни уметници, вклучувајќи ги и Андре Дереин, Жорж Брак, Аристид Мајлол, Кис ван Донген и други. Кога го изложила делото на италијански сликар Амадео Модиљани во декември 1917 година, полицијата интервенирала скандалозно принудувајќи ја еротската слика да ја отстрани од излогот на галеријата. Но Вајл одбила и завршила во станица. Таа била и првиот дилер за дадаистот Франсис Пикабија и за орфистот Роберт Делоне. А подоцна почнува да посветува изложби на жени уметници.
Дури и откако уметниците на Вајл станале познати и се преселиле од нејзината галерија, тие сепак ја почитувале.
– Сепак, сите ѝ беа многу благодарни во подоцнежните години. Практично сите што подоцна се прославија и ја продадоа својата прва слика – напиша Гертруда Стајн во автобиографијата на Алис Б. Токлас.
Уметничко-историските заслуги на Вајл се импресивни, но нејзината слава никогаш не го достигнала нивото како некои нејзини колеги. Таа била клучна во почетоците на уметниците, но не влезе во биографиите на уметниците како Пикасо, Матис и Модиљани.
– Мислам дека луѓето не сакаат да знаат за неа, бидејќи таа не постигна голем финансиски успех. Таа никогаш не заработи многу пари – вели Ле Морван, која ја собира архивата на Вајл повеќе од една деценија.
Списокот на уметници што ги поддржувала Вајл е полн со стотици имиња. Нејзиното преземање ризици било за восхит, но не секогаш се исплатело.
Немала успешен пазар од уметници што тукушто почнувале кариера или од жени уметници. Но не се откажувала и постојано го зголемувала списокот со нови имиња.
– Таа направи нешто иновативно и на непозната територија, не ѝ беше лесно, но не се откажуваше – вели Роберт Мекд. Паркер, независен уметнички научник дел од тимот што ја монтира претстојната изложба посветена на Берт Вајл.
Патувачкото шоу ќе вклучува околу 80 дела што поминале низ нејзината галеријата. Изложбата ќе биде отворена во Музејот на ликовните уметности во Монтреал во 2022 година и во уметничката галерија „Греј“ во Њујорк следната година, а може да патува и на други места.