Познатата пејачка, номинирана за наградата „греми“ за 2021 година, Бека Стивенс и „Сикрет трио“ ја објавија песната „The eye“, правена по текстот на песната „Окото“ на македонскиот поет Никола Маџиров.
– Од почетокот на овој проект знаев дека сакам да вметнам турска и македонска поезија во моето пишување. Пишувањето за „Окото“ започна со демоснимка што ми го испрати Мајкл Лиг. Оригиналното демо на Мајк беше насловено „Crozish Oud“ затоа што тој сметаше дека звучи како нешто што Дејвид Крозби ќе го напише на гитара. Го слушав непрекинато додека пребарував на Интернет „модерни македонски поети“ што ми се допаѓаа. Најдов дека поезијата и стилот на Никола Маџиров навистина ми зборуваат. Неговата поема „Окото“ ме „закочи“ веднаш. Го имаше вистинското расположение, боја, чувство и должина – пишува Бека Стивенс.
Стивенс правела композиција од песната на Маџиров баш во оние денови кога македонскиот поет се борел за својот живот во една од болниците, борејќи се со коронавирусот.
– Додека се борев за здив во болницата, некој компонирал за песната што завршува со стиховите „болнички двор“. Тоа се ѕвездите на рамнотежата вселенска и молитвите што ме извлекоа од оние бели болнички ѕидови – вели Маџиров.
Во „Сикрет трио“ членува и нашиот Исмаил Лумаровски.
Окото
на Васко Попа
Отвори го едното око –
хоризонтот е во затвореното.
Отвори ја школката –
осаменоста нема да избега.
Камењата на дното го пијат времето,
мртвите риби пливаат кон сонцето.
Отвори го едното око.
Светот е младо дрво на градилиште,
прозорците се реки на нашата несигурност.
Отвори го небото.
Во дланките чувам дом –
соба за молитви во болнички двор.