Шпанскиот суд го прогласи за виновен и го осуди на 18 месеци затвор поранешниот претседател на банка Хаиме Ботин поради обидот надвор од земјата да прошверцува слика од Пабло Пикасо, која се смета за национално богатство.
Ботин, 83-годишен милијардер и колекционер и поранешен директор на банкатана „Банкинтер“, е казнет со 52,4 милиони евра и треба да го предаде делото на државата.
Тим шпански полициски експерти отишле на францускиот остров Корзика во 2015 година за да го земат делото „Глава на девојка“ на Пикасо, проценето на 24 милиони евра.
Корзиканските власти велат дека им било јавено за обидот да се прошверцува вредна слика од Шпанија со брод.
Познатата слика, создадена во 1906 година, била запленета од француската полиција на бродот на Ботин во Корзика во 2015 година.
Француската полиција соработувала со шпанските власти.
Според нив, маслото кое потекнува од розовиот период на Пикасо било запленето кога капетанот на бродот не можел да достави потврда.
На бродот, властите пронашле документ на шпански јазик со кој се потврдува дека делото е од културен интерес и дека е забрането да ја напушти Шпанија, татковината на Пикасо, без дозвола.
Пресудата е првостепена и може да биде обжалена.