„Балкан брас-квинтет“ гостува со свој концерт во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, вечерва, во 18.30 часот. На концертот во Софија, квинтетот во состав Стојанче Косовски – труба, Гоце Цоневски – труба, Александар Гошев – Хорна, Јавор Костов – тромбон и Бајо Стаев – туба, ќе изведе композиции од Владимир Џамбазов, Томислав Зографски, Хендел, Кларк, Гершвин, Бизе, Мориконе и др.
Дувачкиот квинтет е плод на соработка на музичарите од Македонија и од Бугарија и по нивни заеднички настапи во различни состави и ансамбли во двете земји се стигнува до создавање брас-квинтет во 2017 година. Изведуваат композиции соодветни за нивниот состав, со што композициите од различни епохи и популарни жанрови се афирмираат, а исто така се презентираат и композициите напишани од балканските композитори на нивните концерти во Македонија, Бугарија и во Србија.