Балетот во два чина „Ана Каренина“ со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски ќе се одржи на сцената на Македонската опера и балет на 22 февруари 2019, со почеток во 20.00 часот.
-Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, на сцената на МОБ ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој-информираа од МОБ.
Во повеќе од два часа, балетските уметници на МОБ, на чело со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења на Марија Кичевска Шокаровска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили од Грузија како гроф Каренин, Христина Накевска како Кити , ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…