Годинава фестивалот, кој се одржуваше под мотото „Ова е наше време, време за театар“, понуди и придружна програма, како и промоции на театарска и театролошка литература. Се вратија и разговорите на тркалезната маса, што беше поздравено и од учесниците во претставите, од критичарите, но и од публиката
Педесет и четвртото издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ понуди различни претстави со различна естетика – од големи сценски спектакли, до камерни претстави, како и претстави од т.н. политички театар.
Според одлуката на жирито, најдобра претстава во целина е „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Игор Вук Торбица на Битолскиот театар. Актерките Бедија Беговска, претседателка, и членките Љиљана Богојевиќ и Маја Вељковиќ посочија дека оваа претстава ги имала сите елементи, режија, актери, костими, музика, колективна и поединечна игра.
За оваа пиеса во рацете на Игор Вук Торбица замина и наградата за режија.
Првпат годинава и публиката имаше можност да го даде својот суд. Наградата од публиката што ја додели градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, статуетка што го симболизира и театарот и градот, дело на уметникот Марјан Стојаноски, ја доби извонредната претстава „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, на театарот домаќин „Војдан Чернодрински“.
Наградата за главна женска улога ѝ беше врачена на Марија Спиркоска Илијески за улогата на Велика во претставата „Пиреј“ на прилепскиот театар.
– Среќата е поголема поради тоа што одлуката ја поддржува публиката. Секако, оваа награда ќе биде мотив, но кога се сака нешто искрено и се работи од срце, резултатите се неминовни. Сите во ансамблот многу ја сакаме претставата „Пиреј“, секогаш ја играме од душа, до последен здив – вели наградената Марија Спиркоска Илијески.
Наградата за главна машка улога ја доби актерот од истата претстава на прилепскиот театар, Александар Степанулески, за улогата на Јон.
Наградата за женска споредна улога замина кај Билјана Драгичевиќ Пројковска, за улогата на Карлота во претставата „Странци“ на Драмскиот театар.
– Направивме одлична претстава, која има одличен прием кај публиката, што многу ни е важно на сите – ни рече Драгиќевиќ Пројковска.
Наградата за споредна машка улога му беше врачена на Гзим Жерка за улогата на Сен Жист во претставата „Смртта на Дантон“ од Албанскиот театар.
Најдобра млада актерка е Симона Димковска, а млад актер Тони Денковски. Наградата за музика му беше доделена на Димитар Андоновски за музиките во претставите „Пиреј“ и „На отворено“, за сценографија на Константин Трпеновски за претставата „Макбет“, за современа сценска драматизација на Љупчо Ѓоргиевски за драматизацијата на „Животинска фарма“ на струмичкиот театар.
Наградата за рекламен материјал отиде кај Нгадњим Мехмети, а за кореографија и сценски движења кај Ѓерѓ Превази, а за костими кај Роза Трајчевска Ристовска.
Годинава фестивалот, кој се одржуваше под мотото „Ова е наше време, време за театар“, понуди и придружна програма, како и промоции на театарска и театролошка литература. Се вратија и разговорите на тркалезната маса, што беше поздравено и од учесниците во претставите, од критичарите, но и од публиката.